05.12.2011, 14:28 „Апореја“ - мистична појава за која се слуша по пат на преданија
Годинава се одбележуваат 25 години од постоењето на едно од највлијателните уметнички движења на овие простори.
Тина Иванова
Во 1980-тите години во Скопје постоеше една катакомбна уметничка група наречена „Апореја“ или „Апокрифна реалност“. Интермедијална дружина која се занимаваше со музика, сликарство, дизајн, поезија, архитектура, театар. Група која оствари силно влијание врз развојот на македонската уметничка сцена, но која живееше во завиена, мистична стварност. Затоа малкумина знаат за неа, а и таа зад себе остави многу малку или скоро ништо документиран материјал. Од „Апореја“ се изроди далеку попопуларната „Анастасија“, која понатаму ја освои светската музичка сцена. Меѓу другите, во „Апореја“ членуваа вокалистот Горан Трајкоски, отец Методиј Златанов, тапанарот Зоран Спасовски, архитектите Митко Хаџи-Пуља и Минас Бакалчев...
Годинава се одбележуваат 25 години од постоењето на „Апореја“, едно од најмаркантните уметнички движења на овие простори, а нејзините творци по тој повод најавуваат изложба, чиј датум се' уште не сакаат да го откријат.
Навистина не може да се опише длабоката филозофска мисла и идеја на „Апореја“ со едноставни зборови, ниту, пак, овие редови се доволни да се обелоцени целокупното работење на групата, а уште повеќе влијанието што таа го произведе. Сепак, најкусо, „Апореја“ беше движење што создаваше катакомбна уметност, се разбира, во симболична смисла на зборот, заштитена од самата себе си, скриена од јавноста, а сепак со силни одгласи надвор. Мистична, далеку од завидливите и љубопитните очи, за која денес, во овие години и денови, се зборува само како за ехо на едно време кога т.н. андерграунд-уметност го имаше своето вистинско значение. Како што вели вокалистот и композиторот Горан Трајкоски, за групата се дознаваше и се дознава само по пат на усни преданија.
Работата на „Апореја“, која на некој начин произлегува од македонската постпанк-група „Падот на Византија“, чиј фронтмен беше токму Горан Трајкоски, може да се подели во две фази, од кои во втората ќе и' се приклучат нови приврзаници. Првите уметнички имиња на „Апореја“, кои дејствуваа под духовното водство на отец Стефан Санџаковски, се: Лазар Лечиќ и Кирил Златанов (сликарство, графика, мејл-арт, плакати), Невен Ќулибрк (пи-ар, дизајн, изработка на фанзини и на книгата „Апореја“), Методиј Златанов (визуелна поезија) и Горан Трајкоски и Зоран Спасовски (музика). Во втората фаза, некаде во почетокот на деведесеттите години, во проектот ќе се вклучат и Митко Хаџи-Пуља и Минас Бакалчев (архитектура, дизајн), Сенко Велинов, Бранислав Јаковлевиќ и Сашо Миленковски (театар, драматургија).
На својата блог-страница, еден од поклониците на „Апореја“, кој се потпишува под псеводниомот Хогон, објавува анализа и профил за групата и тоа е единственото нешто што може да се најде на интернет за една од најважните културни појави во Скопје од која се изродија многу поединци и групации чиј интерес се разновидни уметнички изрази. Во дел од биографската посвета за „Апореја“, тој ќе напише дека спроти последната свирка на групата „Падот на Византија“, одржана во Бања Лука во јули во 1985 година, Горан Трајкоски ќе запознае страстен обожавач на делата на „Падот на Византија“. Станува збор за Невен Ќулибрк, локален алтернативен културен активист - новинар, хонорарен член на НЕП и студент по книжевност со посебен интерес за традиционализмот и верата. Од тоа пријателство, ќе заживее „Апореја“ и наскоро, во август истата година, ќе биде организирана и првата средба на „Апореја“ во Струга, од каде што и потекнува Трајкоски.
Следната година во април ќе биде организирана првата јавна манифестација на групата, на Педагошката академија на Бања Лука, во форма на уметничка изложба со осврт на прашањата за односите меѓу Истокот и Западот, меѓу традиционалното и модерното, преку упатување и споредување различни историски авангарди што постоеја на Балканот во различни временски периоди. До есента 1986 година, „Апореја“ ќе го издаде првото и тогаш единствено аматерско списание кое ќе го носи насловот на групата, а во 1987 година ќе следува објавување и на аматерската книга „Апокрифна реалност“, која на некој начин ќе ја има улогата на манифест. Единствениот музички документ на „Апореја“, насловен „На Реках вавилонских“, беше снимен и дистрибуиран на евтина касетна лента во 1988 година, за тогашен ТВ-документарен проект за животот и делото на сликарот - иконограф Лазар Лечиќ од Чуруг, Србија, член на „Апореја“.
Во текот на своето постоење, односно во втората половина на осумдесеттите, „Апореја“ ќе соработува со повеќе мултимедијални групи од бивша ЈУ, меѓу кои и со: „Нова словенечка уметност“ (НСК) од Љубљана, „Нова Европа“ од Загреб, „Сестре Вазелин“ од Осиек, „Аутопсија“ од Рума... Македонскиот уметнички колектив влијанието ќе го црпи, како што велат нејзините членови, од повеќе индивидуи и групи блиски до нивниот вкус, естетика и идеологија. Меѓу нив и од Љубомир Мичиќ од „Зенит“, Леонид Шеика од „Медијала“, од делата, а уште повеќе и од животниот пат на Хуго Бал („Кабаре Волтер“), од анархистичката филозофија на Петар Кропоткин, од филмографијата на Андреј Тарковски, од супрематизмот на Казимир Малевич и Ел Лисицки, како и од делата на Псевдо-Дионисиј Ареопагит, од руските филозофи на сеединството и од естетичките трактати на отец Плавел Флоренски.
„Апореја“, и покрај скудниот документациски материјал за своето постоење, ја роди најзначајната музичка (мултимедијална) група на овие простори, „Анастасија“, во која членуваа Горан Трајкоски, Зоран Спасовски и Златко Ориѓански, доде��а Методиј Златанов беше задолжен за нејзината визуелизација. „Апореја“ стана „Анастасија“ кога ја напушти својата мултимедијалната активност, ќе запише Хогон. Би можело да се каже дека „Апореја“ ќе трае до 1988 година кога во загрепскиот „Лапидариј“ ќе се одржи перформанс/изложба на визуелната поезија на Методиј Златанов, под наслов „Свети Јован нероден“. Како музичка група, пак, „Апореја“ никогаш нема да настапи во живо. За разлика од неа, „Анастасија“ ќе ги освои концертните подиуми во светот, особено откако ќе ја создаде и објави музиката за филмот на Милчо Манчевски, „Пред дождот“.
Отец Методиј Златанов, пак, вели дека уметничката акција во Загреб во „Лапидариј“ во 1988 година, во синергија со „Нова Европа“, ќе биде крај на првата фаза на „Апореја“ како „Апокрифна реалност“.
„Мојата изложба на визуелна поезија во Скопје во Младинскиот културен центар, под наслов ’Пораѓање на Истокот‘, беше почеток на втората фаза, кога дејствувањето на ’Апореја‘ престана да биде апокрифно, иако групата остана надвор од режимскиот уметнички мејнстрим.“ Тоа, ќе каже Златанов, беше моментот кога „Апореја“ стана „Анастасија“, повторно како мултимедијална група. „Иако, за жал, мнозина денес го паметат само нејзиниот музички дел. Токму затоа и промената на името уште тогаш беше протолкувано како крај на ’Апореја‘. Суштинскиот пресврт од ’апокриф‘ во ’воскресение‘ беше сигнал што ја најави трансформацијата на уметничкиот пристап од прималното несвесно, кон зрелото ноуменално: апотеоза на антитрадиционализмот во надисториското! Секако, фасцинацијата од христијанството како протоанархизам, како и уметничката кореспонденција со европските авангарди и најавата на смртта на постмодернизмот беа и останаа најважните фактори на уметничкото кредо на ’Апореја‘, односно на ’Анастасија‘“, вели Златанов.
Поривот на Горан Трајкоски, пак, да се здружи со група од млади луѓе под името и знамето на „Апореја“, ќе биде непомирливата потреба за изразување преку музиката и нејзина интеракција со другите уметнички форми. „Колку и да живеевме во време и средина, кои за разлика од денешниве изгледаа, и не само да изгледаа туку и беа, затворени и оневозможени за отворена и за рамноправна комуникација со подобните на себе низ светот, сепак, името ’Апореја‘ со не мала брзина дојде до ушите и до свеста на оние што беа заинтересирани за таков вид уметничко општење“, вели Трајкоски.
„Апореја“, ќе каже Трајкоски, бидејќи тогаш немаше ништо слично на неа, за новинарите гладни за етикети и налепници во тоа време претставуваше ехо на познатата словенечка уметничка групација „Н.С.К.“ („Neue Slovenische Kunst“ - „Нова словенечка уметност“). „Своевремено, колку и да се оддалечувавме од тие споредби и не ги прифаќавме за меродавни, токму таа лоша новинарска перцепција помогна во кревањето прашина, колку тогаш, толку и подоцна, низ времето, кога ’Апореја‘ беше само спомен и мистична појава за која повеќе се имаше чуено по пат на предание отколку што вистински се имаше видено, слушнато, почувствувано“. |