05.12.2011, 13:15 Авеланж се повлече од ИОК
Некогашниот претседател на ФИФА, Жоао Авеланж, се повлече од Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) само неколку дена пред етичкото сослушување во врска со неговото раководење, известува Би-Би-Си.
Првиот човек на светскиот фудбал од 1974 до 1998 година, кога беше наследен од Сеп Блатер, беше под истрага на ИОК за своите врски со поранешната маркетинг-агенција на ФИФА, „Интернешенел спорт енд лежер“ (ИСЛ). Агенцијата банкротира во 2001 година со долгови од околу 300 милиони долари. Телевизиската програма „Панорама“ на Би-Би-Си лани тврдеше дека Авеланж примил пари од ИСЛ за да им додели доходовни договори за светските првенства.
Бразилецот на возраст од 95 години е член на ИОК со најдолг стаж, стапувајќи во членство уште во 1963 година. Со оглед на неговата оставка, етичкиот случај против Авеланж, најверојатно, ќе пропадне, извести Би-Би-Си.
|