05.12.2011, 12:10 Расказ на Томислав Османли во списанието „Лос Муестрос“
Угледното списание прозниот текст на Османли го објавува под наслов „Приказни и новели“, како во својата печатена, така и во својата електронска верзија.
Во најновиот, декемвриски број на интернационалното списание „Лос Муестрос“ кое со текстови објавувани на француски, англиски, италијански и јудео-шпански се појавува во Брисел, Белгија, како гласило на Евреите Сефарди од Европа, во превод на аглиски јазик е објавен расказот „Средби во музеите на заборавот“ од нашиот писател Томислав Османли. Угледното списание прозниот текст на Османли го објавува под наслов „Приказни и новели“, како во својата печатена, така и во својата електронска верзија.
Објавениот расказ е преплет од три возбудливи, паралелно водени приказни за различни личности, од различни места и времиња: едната која што почнува во меѓувоена, а потоа продолжува и во окупирана Варшава, другата во Скопје во травматичната 1943 година и третата што се одвива денес на две места од земјината топка, кога живите трауми на луѓето што ги почувствувале стравотиите на воените понижувања и уништувања ги изложуваат во специјализираните музеи исполнети со овие травматични сеќавања. Повеста на Османли поучува дека, наспроти нив, постојат приказни и настани што се „изложени“ и „забележани“ само во музеите на личните спомени и сеќавања, кои се своевидни Музеи на заборавот на ужасите што не прекинуваат да му се случуваат и на современиот свет...
Книгата „Светилка за Ханука“, пак, во издание на „Форум“ и со поддршка на Еврејската заедница на Македонија беше промовирана пред три години, како збирка од девет раскази и новели на еврејски теми, токму според бројот на краците од обредната ламба за славење на Ханука, еврејскиот Празник на светлината. Во најновиот број во кој е објавен спомнатиот македонски расказ, бриселското меѓународно списание се појавува токму во чест на претстојната Ханука. (Т.И.)
|