09.10.2011, 21:51 Повеќе патишта, помалку споменици во новиот Буџет?
До крајот на месецов ќе биде спакувана буџетската каса за 2012 година, Ставрески не кажува бројки, експертите бараат инфраструктура
Нина Нинеска-Фиданоска
Нека продолжи да гради Владата, ама наместо на музеи и на споменици, нека се фокусира на патишта и на енергетски објекти. Капиталните инвестиции во буџетот сигурно дека се еден од најдобрите рецепти како земјава да се заштити од драматичните случувања во Европа, кои ќе атакуваат и на македонската економија. Но, многу подобро е тие да бидат насочени кон реална инфраструктура што му е потребна на бизнис секторот, отколку во објектите на „Скопје 2014“. Во време кога власта го крои новиот буџет за 2012 година, вакви се сугестиите на експертите со кои контактираше „Утрински“ околу тоа како би било најрационално да се води фискалната политика. Додека максимална неизвесност и секојдневни турбуленции царуваат на глобалната економска сцена, економските аналитичари уште и' препорачуваат на Владата да ја реформира јавната администрација, или поконкретно, да се намали сумата за плати што секоја година од буџетот се издвојува за овој гломазен апарат.
Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, пред неколку дена изјави дека неговиот ресор почнува да ја крои буџетската каса за идната година. До крајот на месецов предлогот треба да финишира и да и' биде доставен на Владата на разгледување. Освен што најави дека капиталните инвестиции повторно ќе бидат на високо ниво и преку нив државата ќе се бори со опасностите што ги носи грчката криза, првиот финансиер не сакаше да открива повеќе детали, во смисла колку ќе тежи буџетската каса и дали таа ќе биде поголема или помала од годинашнава.
Ванчо Узунов, професор на Правниот факултет, смета дека во вакво сериозно економско опкружување, Владата мора да излезе со поинаква визија за начинот на кој ќе се развива македонската економија, и тоа не само следната година, туку и на среден и на долг рок. Според него, она што власта досега го прави на економски план, веројатно, и' служи за зголемување на рејтингот, но е неодржливо на долг рок и не води кон подобрување на материјалната благосостојба на сите граѓани. Како пример го посочува фактот што бруто домашниот производ расте, а во исто време има пораст на невработеноста.
„Буџетот за идната година би требало да се планира во две насоки. Прво, мора да се намалат голем дел од расходните ставки, особено тековните, што значи дека мора да има реформа за намалување на јавната администрација. Промени се потребни и во делот на стимулациите или конкретно, наместо да се даваат субвенции за земјоделците, за да го произведуваат тоа што постојано го произведуваат, државата треба да почне да стимулира иновации, технолошки напредок, нови производи и слично“, вели овој аналитичар.
Втората битна промена што треба да се направи, според него, е во делот на капиталните инвестиции да се престане со инвестирање во музеи и споменици во Скопје, туку во вистинска инфраструктура за приватниот сектор, како што се патишта, енергетски постројки и слично. „Растот преку изградба на споменици не е одржлив. Можеме ние и на секој агол споменици да градиме, но тоа не е решение, тоа нема да не' направи развиена економија“, објаснува Узунов.
Сега не е време да се проектираат големи буџети. Според овој аналитичар, на среден рок, значи во следните неколку години, власта мора да го врати буџетот на пониско ниво, односно тој треба да биде помал за неколку проценти како учество во БДП, бидејќи сега е навистина преголемо зафаќањето на јавните финансии во вкупниот бруто домашен производ.
Зоран Ивановски, професор на Универзитетот за туризам и за менаџмент, смета дека капиталните инвестиции се единствениот рецепт кој Владата мора и може да го прави. „Најмалку 20 проценти од буџетот треба да бидат наменети за капитални инвестиции. Во секој случај, во ова опкружување и закани за економијата, мора да се подгрее домашната потрошувачка и јас тоа го поддржувам. Буџетот како антикризна и антирецесиона мерка треба да има битна улога. Но, мојата сугестија е повеќе да се оди на крупни инфраструктурни проекти, како што се енергетски објекти, транспортна инфраструктура, енергетски и комуникациски објекти... Тоа се инвестиции кои значат конкретна поддршка за бизнисот. Кога станува збор за спомениците, пак, точно е дека тие носат туристичка компонента и подобар имиџ, но подоцна ќе почнат да генерираат трошоци, така што наредниот ефект од нив веќе нема да биде позитивен “, објаснува Ивановски. Овој професор уште и додава дека делот од буџетот што оди за плати не смее да биде повеќе од 50 отсто, како и дека треба да се настојува тој дел за администрацијата ако може некако да се смири, да се замрзне.
Ивановски со уште една п��епорака до власта, а таа е во подготовката на буџетот да има малку поголема транспарентност и дебата за проектите кои ги планира Владата, со научната и со бизнис јавноста. |