09.10.2011, 21:14 Владините реклами пак ги окупираа медиумите
Во Владата велат дека е нормално да ги информираат граѓаните за минималната плата
Нина Нинеска-Фиданоска
Неколку месеци по изборите, на медиумската сцена завладеа истата слика на која се навикнавме во речиси сите пет години мандат на оваа владејачка гарнитура. Владините кампањи повторно почнаа да го освојуваат медиумски простор. Откако социјалните партнери се договорија за минималната плата, за Владата е од значење таа придобивка да ја изрекламира кај граѓаните.
Потреба од рекламирање во медиумите има и Електрани на Македонија, компанија која 100 отсто е во државна сопственост и на која населението не и' е директен консумент, но таа, сепак, му се обраќа преку сопствена кампања. И Агенцијата за електронски комуникации во последниов период е еден од позначајните огласувачи, а главната цел на оваа институција и' била популацијата да се запознае со нејзината улога во воспоставувањето ред во електронските комуникации.
Владините реклами во предизборниот период беа предмет на сериозна критика од опозицијата, експертите и од меѓународната заедница. Главните забелешки беа во насока дека со селективниот избор на медиуми преку кои ги пласира милионските кампањи, Владата ги форсира нив, а ги става во подредена положба оние што не можат да ја добијат нејзината финансиска благонаклоност. Опозициската СДСМ барањето да има рамномерна распределба на средствата од владините кампањи по медиумите дури го постави како услов за изборите, но подоцна отстапи од сите барања. Од премиерот Никола Груевски тогаш добија одговор дека не постоел закон во ниту една земја во светот што би регулирал подеднаква распределба на парите. Прецизна информација колку точно средства се потрошиле за реклами се' уште нема, но опозицијата оперира со бројката од околу 100 милиони евра.
Владиниот портпарол Мартин Мартиновски, во телефонски разговор за „Утрински“ коментираше дека Владата имала потполно право да се рекламира за постигнатиот договор за минимална плата, бидејќи тоа било „голем успех по 20 години стоење во место, за кој се оценило дека треба да се информираат вработените во земјава“.
И во ЕЛЕМ имаат објаснување за нивната кампања. „ЕЛЕМ склучија едногодишен договор со ’Република‘ уште во првата половина на април годинава, но не за ’рекламирање‘, туку за медиумска кампања поврзана со секојдневното работење на компанијата. Таа е насочена кон континуирано и транспарентно информирање, а особено кон подигање на свеста кај пошироката јавност за значењето да се обезбеди одржлив развој на домашното производство на електрична енергија, заштита на природните национални ресурси и имплементација на енергетска ефикасност“, ни изјавија од компанијата.
На прашањето по кои критериуми се бираат медиумите, од ЕЛЕМ велат дека ги огласуваат своите активности врз основа на предложен медија план од агенцијата извршител. Тој, пак, се правел врз основа на понудените финансиски услови за огласување, како и секојдневните рејтинзи и понудената програмска шема. „ЕЛЕМ нема никаква финансиска обврска да ги искористи во целост сите понудени ставки во износ од околу 45 милиони денари (732.000 евра - н.з). Од степенот на реализација на одредени активности ќе зависи и висината на средствата кои ќе бидат потрошени, а за тоа јавноста најтранспарентно ќе биде информирана“, децидни се во ЕЛЕМ.
Кампањата на АЕК „тежи“ нешто помалку од еден милион евра. И неа ја изработи маркетинг агенцијата „Република“. Инаку, АЕК не добива пари од буџетот, туку работи со парите кои ги наплатува, пред се', од телекомуникациските компании.
Неодамна директорот на АЕК, Роберто Ордановски, изјави дека кампањата имала ефект, односно се подигнала свеста кај граѓаните дека агенцијата е нивен сервис и ги штитела како корисници на телекомуникациски услуги. Ордановски објави дека драстично се зголемени поплаките на граѓаните за услугите од телекомуникациските оператори, што го покажуваат нивните јавувања на бесплатната телефонска линија што за таа намена неодамна ја воведе Агенцијата.
Петар Арсовски, комуниколог, смета дека владиното рекламирање воопшто не оди во прилог на поголеми медиумски слободи. „Не е забрането Владата да се рекламира. Постојат милион причини зошто една Влада би требало да се рекламира, но тие треба да бидат поврзани со подигнување на јавната свест на граѓаните, на пример за екологија, за промовирање на некои реформи или за инсталирање нови вредности, на пример зошто треба да влеземе во НАТО и ЕУ. Но, не е во ред Владата да се рекламира дека го работи она што е платена да го работи само за да се пофали во јавноста“, вели Арсовски.
Според него, вториот проблем е начинот на кој Владата ги троши парите во медиумите. „Таа има право да претпочита извесни агенции пред други, но поголем проблем е дистрибуцијата на средствата по медиумите. Владата мора да најде начин тоа да го прави по клуч, без дискреционо право. Мора да најде некоја формула, на пример најмногу средства да добиваат оние медиуми што имаат највисок рејтинг или плаќаат најредовно даноци... Не постои идеален систем на редистрибуција, но било каков клуч е подобар од никаков, Владата тука мора да најде механизми“, вели Арсовски.
Во најновиот извештај на ЕК за Македонија, кој се' уште не е јавно објавен, неофицијално стои дека „тоа што Владата е најголемиот огласувач во медиумите дава основа за политички притисок“. |