06.10.2011, 15:13 Бесими: Членството во НАТО врвен приоритет за Македонија
Министерот за одбрана на Република Македонија Фатмир Бесими на денешниот состанок на Северно-атлантскиот совет со земјите кои не се членки на НАТО, а учествуват во мисијата ИСАФ во Авганистан, потенцира дека членството во Алијансата и понатаму останува врвен приоритет на Владата, исто како и придонесот на припадниците на АРМ во мировните мисии.
На средбата со генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмунсен, Бесими го потенцирал значењето за полноправно членство во НАТО и нашите очекувања на престојниот самит на Алијансата, што треба да се одржи во Чикаго, во мај следната година.
Македонскиот министер за одбрана изјави дека од страна на своите НАТО колеги добил поддршка за спроведените реформи, но и укажување дека нашите очекувања од Самитот во Чикаго ќе зависат и од други аспекти кои не се директно поврзани со одбраната.
На маргините на состанокот на НАЦ со ИСАФ придонесувачите, министерот Бесими оствари средби и со норвешкиот министер за одбрана Грете Фаремо, со министрите за одбрана на Германија и на Франција, Томаз Де Маизер и Зерард Лонгеут, како и со американскиот адмирал одговорен за мировните мисии Џејмс Старвидис.
- На сите средби е потенцирано исклучително признание за учеството на Македонија во мировните мисии, со посебен акцент на одбраната на НАТО базата во Кабул, изјави министерот Бесими.
|