06.10.2011, 18:21 Автобусите се за превоз, а не за подвижна реклама
Рекламирање е дозволено единствено на средишниот дел од возилата
Новите автобуси во иднина нема да изгледаат како подвижни реклами. Првенствено во очи ќе паѓа нивниот ретро дизајн и препознатливата црвена боја, а дури потоа рекламите. Имено, од јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) веќе не дозволуваат рекламите да се лепат преку целото возило, туку единствено во средишниот дел. Прекриени со разни пораки и други маркетиншки детаљи нема да бидат ниту прозорците, ниту вратите на возилата. Ова ќе важи и за двокатните и за обичните автобуси.
„Воведуваме нов начин на рекламирање кој го договоривме со маркетинг агенцијата со која соработуваме. Договорено е веќе да не се дозволи рекламирање преку целото возило, оти констатиравме дека на тој начин се губи поентата на дизајнот и бојата на која се инсистираше при набавката на автобусите, конкретно на двокатните“, вели Мишо Николов, директор на ЈСП и додава дека начинот на рекламирање е „украден“ од лондонските даблдекери.
Директорот вели дека одлуката за начинот на рекламирање е воведена од естетски причини, а истовремено и да им излезат во пресрет на корисниците на јавниот превоз што се жалат дека заради залепени реклами преку целите возила не можат од далеку да видат кој број е автобусот, а и, како што велат, немале прегледност каде се наоѓаат кога се внатре во него.
Инаку, новата шема на рекламирање веќе е применета на три автобуси, а уште на над триесетина е во тек подготовка на рекламите. Николов очекува дека до крајот на месецов околу 40 двокатни возила ќе бидат искористени за рекламирање на заинтересирани. Во меѓувреме, освен за двокатните автобуси, нов начин на распоредување на рекламите ќе се применува и за обичните, украински автобуси.
Според последните анализи на надлежните од ЈСП, речиси сите нови автобуси се „распродадени“ за реклами. Најголем дел од коминтентите склучиле повеќемесечни соработки со ЈСП за користење на новите автобуси како еден вид подвижни реклами. (Дс.Т.) |