06.10.2011, 18:01 Едиторијал
Петте минути на Најдовска
Љубиша Станковиќ
Во македонското собрание се случи комисија. Не како оние за кои на времето говорел Винстон Черчил, туку Комисија која го разгледуваше случајот со станбено-деловниот комплекс „Космос“ за кого неговиот инвеститор тврди дека е инвестиција од 60 милиони евра.
Иако она што го виде целокупната домашна јавност наликуваше на „и��пичмент“ во американски филм, сепак, повикувањето на сведоците во собранието беше предизвик за сите.
И во собранискиот „распит“ видлива беше поделбата на оние кои ја претставуваат власта и оние кои се во опозиција. Едните, со своите прашања, се залагаа да ги „вадат“ повиканите, а другите да им постават прашања со кои „Космос“ повтoрно ќе се издигне од својот прав. Пред многубројниот аудиториум, како сведоци за случајот „Космос“ се појавија сите вмешани страни, започнувајќи од инспекторите, министерот за транспорт и врски, адвокатите на учесниците во спорот.
Сепак своевидна ѕвезда на комисиската расправа излезе инспекторката од општина Гази Баба, Елисавета Најдовска. Таа во Собранието доби шанса буквално во „пет минути“ да ја образложи одлуката врз основа на која е донесено решението да се сруши станбениот комплекс „Космос“, кој со недели не можеше ниту динамитот да го урне.
На изненадување на сите, инспекторката Најдовска која всушност би требала да има и највеќе сознанија околу целиот случај, пред целиот аудиториум кажа дека не е сигурна кој го врши стручниот надзор на објекти од прва и втора категорија. Таа исто така не е сигурна од која категорија е „Космос“, односно излезе дека не знае во кои случаи и за кои категории таа, како општински инспектор, има овластување да постапува, што ќе се рече да руши. Најдовска, освен што е градежна инспекторка во Гази Баба ја води и ппштинската Комисија за урбанизам, градежништво и заштита на околината во општина Бутел. Таа не знае да одговори кои се нејзините надлежности, особено кога беше соочена со фактот дека може и кривично да одговара за давање на лажен исказ.
Ниту ова собраниско сослушување не помина без меѓусебни обвинувања за политичка позадина и притисоци за уривање на објектот, но иако беше прашана инспекторката дали трпела и од кого притисоци за рушење на „Космос“, таа не даде одговор пред јавноста, демантирајќи дека некогаш и пред некого изјавила такво нешто.
Таа со голема нелагодност и кнедла во грлото одговараше на незгодните прашања на дел од пратениците. Веројатно и' беше и тешко и мачно, но од неа се очекува да каже дали налогот за уривање што го потпишала е „административна грешка“, односно дека се препознава нечиј друг потпис. Инспекторката ќе треба да одговори дали некој друг и' дал налог да пресметува висина во сантиметри во подрумски простории и дури потоа да урива пет-шест ката, бидејќи тоа е еден од најпроблематичните аспекти на целиот сучај.
По расправата во Собранието, во воздухот останаа да лебдат и прашањата за ангажираните фирми за уривање без тендер, за остатоците од неактивиран динамит кој што беше пронајден на столбовите на „Космос“, а за кој што општината тврдеше дека станува збор за „бела прашкаста материја“ која не претставуваат никакава закана по безбедноста на луѓето.
Секој има свои пет минути во животот, само прашање е кој како ќе ги искористи. За инспекторката Најдовска може да се каже дека се посрамоти и себе и државата што ја претставува во овој контроверзен процес! |