01.01.2013, 17:46 Економетар
Вистинска мера
Мирче Јовановски
Без оглед дали некаде даноците се пресметуваат линеарно или прогресивно, целта е иста, полна државна каса и просперитетна економија. Пронаоѓањето на соодносот е предизвик и за најголемите економии во светот
Со колкави даноци да се оптоварат граѓаните и компаниите за да има доволно пари за јавните потреби, а во исто време секој сразмерно да придонесе според економската моќ, е веројатно најсложената равенка на која секоја држава применува сопствена формула. Примерите се толку колку што има и држави во светот. Но, без оглед дали некаде даноците се пресметуваат линеарно, или пак прогресивно, целта е иста, полна државна каса и просперитетна економија. Вистинската мера за овие две клучни работи е предизвик и за најголемите економии во светот што може да се види и од некои неодамнешни или пак сосема актуелни настани.
Најсвеж е примерот со САД каде што во холивудски стил компромисот за буџетот е постигнат во минута до дванаесет , за затоа и го доби епитетот „ласт минит буџет“. Најважно за Американците е што е избегнато најцрното сценарио за фискална бездна, кое автоматски ќе активираше зголемување на даноците за сите. И светот здивна бидејќи барем засега е тргната на страна опасноста поради убиствената комбинација повисоки даноци и буџетските кратења за околу 600 милијарди евра, што ќе ја намалеше потрошувачката и според мислењето на економистите ќе ја втурнеше американската економија повторно во рецесија. Тоа, пак, сигурно ќе имаше и глобални последици, со оглед на големината и значењето на американската економија за светското стопанство.
Двете страни, републиканците и демократите се спротивставија околу основицата која ќе биде предмет на оданочување. Претседателот Барак Обама настојуваше да го исполни предизборното ветување повисоки даноци да плаќа секој кој остварува годишни приходи од 200.000 долари и повеќе, со што сакаше да ја заштити средната класа и посиромашните, а товарот да го префрли на поимотните Американци. Републиканците исто така се придржуваа до нивните ветувања, тргнувајќи од логиката дека со помало даночно оптоварување ќе останат повеќе пари за инвестиции, па границата сакаа да ја кренат на еден милион долари. На крајот се најдоа на 400.000 долари, што значи дека годинава оние кои ќе го надминат тој износ ќе плаќаат 39,6 отсто данок, наместо досегашните 35 отсто. За брачните парови, лимитот е 450.000 долари заеднички приходи.
Франција деновиве исто така беше во фокусот поради барањето вистинска мера за оданочувањето на богатите поединци. „Тоа не е данок, туку конфискација“. Вака богатите Французи го коментираа законот кон неодамна беше донесен од парламентот, а потоа укинат од Уставниот суд, со кој оние кои имаат годишни приходи над еден милион евра требаше да плаќаат данок од 75 отсто. Французите пресметаа дека со законот ќе бидат опфатени 1.500 граѓани кои доколку го поминеше уставниот филтер, во наредните две години на државата ќе и плаќаа вкупно по 210 милиони евра годишно. За францускиот министер за финансии Жером Кахузек, ова требаше да биде законски придонес, а не конфискација. „Според своите можности секој од нас треба да даде придонес за излез од кризата“, велеше тој.
Критичарите, меѓутоа, пресметаа дека придонесот на најбогатите ќе биде симболичен во однос на дефицитот кој е 83,5 отсто од домашниот бруто- производ, односно 2,5 билиони евра годишно. „Тоа е бакшиш“, забележаа учесници на некои од форумите посветени на оваа тема.
Дури и да поминеше оваа мерка за која уште во предизборната кампања се залагаше актуелниот француски претседател Фрасоа Оланд, прашање е дали ќе ги постигнеше саканите ефекти. Имено, многу од богатите Французи најавија дека ќе заминат од Франција во некоја од соседните земји каде што даноците се пониски што предизвика жестоки реакции во тамошната јавност. Наместо робинхудовска економија, подобро е на богатите да им се овозможат помали даноци за да можат повеќе да вложуваат, да отвораат нови фабрики и работни места и така државата повторно ќе го добие она што го бара, сметаа приврзаниците на помали даноци. За нив тоа е основа на здрава и силна економија, а не она што го нуди социјалистот Оланд.
Многумина сметаат дека богатите, сепак, не се за жалење. Многу западни системи предвидуваат многубројни даночни ослободувања за парите кои ќе се вложат во нови машини, но и ако се купи скапа уметничка слика на пример, или се школува детето во некое приватно училиште, бидејќи се смета дека така ја помагаат културата, образованието и други дејности. Парадоксално но вистинито, е дека во годините на најголемиот удар на економската криза како алва одат најскапите автомобили како „ферари“.
Ретки се примерите како инвестицискиот магнат Ворен Бафет, кој самиот констатира дека не плаќа доволно данок според богатството кое го поседува и дека тоа не е фер кон социјално послабите категории граѓани, што беше поддржано и од неговиот пријател Бил Гејтс.
Има многубројни примери за поединци и фирми кои наоѓаат креативни решенија како да ги намалат своите обврски кон даночниците. Во западните медиуми наголемо се пишуваше за случајот на „Старбак“ во Велика Британија, каде што оваа компанија, од 1998 година до сега на Британците им платила само 8 милиони фунти данок, иако за ова време заработила 3 милијарди фунти. Сличен е примерот на „Фејсбук“, чии приходи биле 345 милиони, за што платил данок од само 250 илјади фунти.
За разлика од богатите, оние со поскромни примања и сиромашните ја немаат таа можност да изнаоѓаат дупки во законите и да забошотат некој данок. Најголемиот дел од нивните приходи оди за лична потрошувачка, а таму ги чека данокот на додадена вредност, од кој нема бегање.
Кај нас овие дебати се ставени на маргините. Минатата година во неколку наврати имаше предлози да се вратат во сила прогресивните стапки на персоналниот данок на доход, но тие иницијативи не наидоа на поддршка ниту кај бизнисмените, ниту од страна на владата која за сега опстојува на концептот „еден број за сите“, односно иста даночна стапка без оглед на висината на примањата. Затоа нема и одговор на прашањето која е вистинската мера за наши услови. |