08.05.2012, 16:53 Владата сака да го земе гасот
Европската енергетска заедница ја предупредува Владата за кршење на законот. Таа молчи
Маја Томиќ
Владата сака да има 100-процентна контрола со гасоводниот систем во земјава и на „Макпетрол“ да му ја експроприра гасната мрежа. На оваа намера на Владата остро реагираа од Секретаријатот на енергетската заедница со седиште во Виена.
Во процедура е давањето лиценца за управување со гас на новоформираната државна компанија „Македонски енергетски ресурси“ (МЕР) од страна на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Ако се случи тоа, ќе значи дека за преносот на гас веќе нема да биде надлежна ГАМА, со која управуваат 50-50 државата и „Макпетрол“ и нејзе ќе и' биде одземена лиценцата.
„Штом ќе биде издадена новата лиценца, постојната лиценца на ГАМА ќе престане да важи, според Законот за енергетика. Иако ГАМА е подготвена да продолжи со работа и го нема прекршено законот. МЕР, пак, ниту располага со своја мрежа за пренос, ниту со човечки ресурси за да може да управува со неа. Сепак, согласно со Законот, тој што ќе управува со мрежата е должен да му ги предаде на новиот имател на лиценцата деловите на преносна мрежа со системот на гас, најдоцна во рок од 15 дена“, стои во писмото на Славчо Нејков, директор на Секретаријатот на енергетска заедница, што беше објавено вчера во медиумите.
Тоа е адресирано до Владата, односно до заменик-премиерот Владимир Пешевски и до Димитар Петров, претседател на Регулаторната комисија за енергетика. Истото писмо Нејков го испратил до Пешевски и до Петров и во февруари годинава, но веројатно затоа што тој не добил никаков одговор од нив, Секретаријатот се решил на негово јавно објавување.
Нејков ја потсетува Владата дека во Законот за енергетика, во чие донесување беше директно инволвиран и Секретаријатот, стои дека нов управител со гасоводна мрежа може да добие лиценца за управување, но не врз постојната мрежа, туку само ако изгради нова гасна инфраструктура. „Член 204 од Законот служи како основа за експропријација на постојниот управувач со мрежата, а таа клаузула не ги задоволува барањата утврдени со меѓународно јавно право и Повелбата за енергетика“, пишува Нејков во писмото. Со други зборови, државата има намера да му ја одземе мрежата за гас што е во сопственост на „Макпетрол“.
Сепак, вчера ниту Пешевски ниту Петров, а уште помалку надлежните од ГАМА и од „Макпетрол“ беа достапни за каков било коментар. Исто како и директорот на новоформираната МЕР, Крсте Миладинов, кој на чело на новото државно претпријатие дојде, исто така, од државната „Македонија гас“, а претходно беше еден од директорите - претставник на државниот капитал во ГАМА.
Според познавачи на состојбите, не би требало прозваните во писмото да се прашуваат дали ќе ги прифатат препораките на Секретаријатот, или да го коментираат писмото. „Самото тоа што на Владата и' се обратија од многу високо ниво, европскиот Секретеријат на енергетска заедница, тука нема што многу да се коментира. Тоа значи само едно, дека Владата и РКЕ треба веднаш да пристапат кон корекции во тековните активности со гасоводот“, вели енергетски експерт, кој потенцира дека постои голема опасност поради сите овие случувања земјата да остане без гас.
„Јасно е дека Владата сака да го тргне од играта со гасот ’Макпетрол‘, како и ГАМА и дека сака самата да управува целосно со системот, што не е некоја новина. Притоа, со ваквата импровизација не е свесна дека ќе и' направи голема штета на државата, односно на стопанството кое може да остане без снабдувач на овој енергенс. Бидејќи, договор за испорака на гас од руски ’Гаспром’ има само ’Макпетрол‘ . Од друга страна, тоа што поранешен директор на ГАМА сега е прв човек на МЕР, а на негово место Владата нема поставено нов човек, очигледно покажува дека намерно се одело на уништување на ГАМА, заедничката фирма на ’Макпетрол‘ и Владата која управува со гасоводот“, вели Јани Макрадули од СДСМ. (М.Т.) |