Три нови жртви на грипот
Бројката починати се искачи на деветмина, на Клиниката се хоспитализирани 112 болни, а во Воената болница 42
Уште три жртви на грипот А (Х1Н1) на Клиниката за инфективни болести во текот на изминатите два дена, со што бројката починати се искачи на деветмина. Како резултат на масивна бронхопневмонија и со свински грип, починале двајца мажи на 35 и на 27 години, соопшти Министерството за здравство.
Едниот пациент бил примен на клиниката во саботата, во тешка општа состојба и веднаш бил ставен на респиратор. Во понеделникот дошло до влошување на неговата здравствена состојба и ноќта е констатирана смрт. Другиот пациент, роден 1982 година, во неделата бил примен во изразито тешка општа состојба, веднаш бил ставен на кислородна поддршка, но во понеделникот нагло му се влошила состојбата и во доцните попладневните часови била констатирана смрт. Истиот ден почина и седмата жртва на грипот А (Х1Н1) во Македонија, 25-годишното момче од Битола, кое било хоспитализирано на 28 ноември во многу тешка состојба.
Вчера и во понеделникот на Клиниката за инфективни болести во Скопје се хоспитализирани уште 13 нови пациенти, а на Инфективното одделение во Воената болница е згрижен само еден нов пациент со симптоми на новиот грип. Министерството информира дека сите новопримени се во стабилна состојба, освен еден пациент, кој веднаш е ставен на континуирана поддршка со кислород. На Клиниката моментално се хоспитализирани 112 болни, додека во Воената болница се лекуваат 42 пациенти со А(Х1Н1). На Клиниката за детски болести во Скопје деновиве се хоспитализирани 15 нови пациенти и таму болнички се лекуваат 56 деца со с��мптоми на грип, на возраст од шест месеци до пет години. Новопримените пациенти се со полесна клиничка слика, освен две деца со потешка форма на пневмонија.
„Ако навистина има епидемиолошка состојба со голем број заболени, можно е Комисијата за пандемски грип да одлучи распустот за учениците да започне од Нова година со божиќните празници и понатаму. Многу е битно дали тогаш ќе биде пикот, дали треба понатаму да биде подолг распустот или токму пред Нова година“, вели Јованка Костовска од Комисијата.
Досега во земјава се вакцинирани околу 1.500 лица, од кои 740 се граѓани со хронично заболување. Најчесто се вакцинираат постарите над 60 години. Досега во цела земја само 10 дечиња примиле вакцина против грипот. Во Македонија последнава недела се регистрирани околу 2.770 заболени од А (Х1Н1). Според надлежните, бројката е многу поголема, бидејќи голем дел се лекуваат дома. Костовска упати апел до населението да се вакцинира, бидејќи тоа е единствена мерка што може да ги заштити од грипот, посебно ризичните групи, бидејќи вакцините се за нив. (С.Н.) |