ЕВРОПА - БАЛКАН Кошмарна дилема
Иван Торов
Што е покорисно за Босна: да продолжат пропаднатите бутмирски преговори или да се мобилизираат граѓаните за да се отстранат на изборите сегашните национални лидери
БЕЛГРАД - Бутмир е мртов - да живее Бутмир! Така приближно, со прилична доза на сарказам и резигнација, би можела да се опише моменталната етапа во обидите на ЕУ и на САД да ги натераат владејачките партии во Босна и Херцеговина, конечно, да започнат преговори за уставниот поредок на својата држава. По две рунди некаква симулација на дијалог, се' се заврши со мачен впечаток дека босанските лидери не можат и не сакаат да се договорат ни околу менито за заедничкиот ручек, а камоли за решенија што би ја извлекле БиХ од сегашната уставна и политичка парализа, и економска и социјална катастрофа.
Всушност, во меѓувреме, Карл Билт (ЕУ) и Џејм Штајнберг (САД) ја ставија на маса „последната понуда“, им дадоа на конфронтираните политичари уште една можност до крајот на годинава да се мрднат од почетокот, но ни самите не веруваат дека е возможно тоа, во сегашната констелација на босанските сили и односи.
Изгледа дека ниту последните пораки од Брисел дека БиХ (можеби и непоправливо) ја губи трката во евроатлантските интеграции, дури ниту понудениот морков во вид на ветено укинување на визниот режим за граѓаните на БиХ во првата половина од следната година, не ги поколебаа националните водачи во намерата со заемна опструкција и деструкција меѓународната заедница да ја доведат пред свршен чин, а Босна во крајно неизвесна ситуација.
Тоа дека шансите за каков било договор се речиси никакви говори и фактот дека „уставната дебата“ (во превод, внимателна ревизија на Дејтонскиот договор) трае цели три години без никаков резултат од проста причина што сегашната власт во ентитетите и заедничките државни органи од самиот почеток (2006) е воспоставена на судири и заемни оспорувања. Имено, нема одлуки или документи што би ги потпишал кој било од скараните лидери, бидејќи со тоа би ја откопал, дури и ја урнал политиката на која почива неговото самовластие. Веројатно, поради тоа се смета дека поведувањето на „бутмирскиот процес“ - и покрај добрите намери на Брисел и Вашингтон – всушност е лош потег кој на босанските функционери им овозможи непречено да се натпреваруваат во тоа кој е поголем заштитник на сопствената нација и нејзините интереси.
Ако во нешто владејачката петорка е ефикасна, тоа е хроничното производство на поводи за расправии, омраза и страв и продлабочување на агонијата. Наедно, многу добро се приспособи на споровите внатре во меѓународната заедница околу тоа дали и понатаму да се губи време на јаловите и контрапродуктивни бутмирски преговори, но и своевидна полемика околу тоа што е постаро - кокошката или јајцето. Односно, дали да и' се стави крај на мисијата на ОХР и високиот претставник на меѓународната заедница, пред каков било договор за уставни промени (што го заговара ЕУ) или, пак, да се почека најпрво да се види дали се и колку босанските лидери во состојба да ја преземат улогата на меѓународен протекторат (став на САД).
Првите ја заговараат тезата дека опстанокот на протекторатот, всушност, би бил крунски доказ за незрелоста на една држава и нејзината политичка гарнитура, другите, пак, се повикуваат на примерот на Германија, која уште во 1957 година, влезе во процес на евроинтеграции, но се' до 1991 година беше под некаков облик на протекторат.
Моментно и во самата Босна и околу неа, всушност, многу малку се размислува за тоа дали „бутмирскиот процес“ треба да се продолжи и да заврши со сосема извесен крах, а многу повеќе се размислува за можна алтернатива. Односно, да не се губи време на понатамошни натегања и зголемување на преговарачкиот циркус и хаос, туку сета преостаната енергија да се пренасочи на мобилизирање на апатичните и резигнирани маси за општи парламентарни избори во БиХ во октомври следната година.
Во тој контекст, се смета - бидејќи и онака оваа година е изгубена, а со интервенцијата на ЕУ и САД е релативизиран и намален доскорешниот страв од можно обновување на оружените судири - дека изборите треба да се сфатат и така организираат за да бидат своевиден референдум со кој би се одредила судбината на Босна и Херцеговина. Приказната за стравот, вели Златко Лагумџија, претседател на опозиционата Социјалдемократска партија, може да се отстрани само така што граѓаните на БиХ, конечно, ќе сфатат дека некои луѓе можеш да ги лажеш цело време, сите луѓе можеш да ги лажеш некое време, но дека не можеш сите луѓе да ги лажеш цело време.
Луѓето ги зафати апатија, не излегуваат на избори, а токму нивната апстиненција овозможи да бидат избрани лидери на кои им е до Босна колку до ланскиот снег. Тие луѓе, а тие се над 50 отсто од избирачкото тело, треба да се поттикнат, да им се објасни дека изборите се референдум за нивната судбина, во меѓувреме да се локализира влијанието и да се надминат сегашните политички олигархии и да се овозможи на политичката сцена да се појават некои нови луѓе, неоптоварени со опсесијата дека единствена мисија им е и по цена на распад на БиХ, да ги штитат националните интереси по формулата на крвава војна. |