На кафеанџиите доцна им текна за пушењето
Министерството за економија може да ги сослуша, но не и да им помогне, бидејќи носител на Законот е ресорот за здравство
Александрија Стевковска
Уште дваесетина дена не' делат од стапување во сила на целосната забрана за пушење во сите објекти, а на кафеанџиите сега им текна дека треба да се бунат против оваа одлука. Тие побараа од Министерството за економија да ја одложи примената на овој закон, но очигледно барањето го испратиле на погрешна адреса, бидејќи носител на Законот е Министерството за здравство. Тоа, пак, е категорично дека нема да има одложување на примената на ова законско решение, ниту, пак, дека тоа би можело да се модификува со измени во насока да се остави по некое катче и за пушачите во кафеаните. Таква можност постои сега, но не се почитува, па поради тоа речиси во сите објекти каде што се служат храна и пијалаци се пуши на секоја маса.
Целосната забрана за пушење, која наскоро ќе се воведе во земјава, буквално ќе значи дека пушачите ќе можат да запалат цигара само дома и на отворен простор. Од Нова година, пушењето целосно се забранува во кафеани, кафетерии, ноќни барови, кафе-барови, кабареа, диско-клубови, во пивници, барови. Со најновите измени на Законот за заштита од пушење, освен што не ќе смее да се пуши во затворен простор, цигара нема да може да се запали ни на терасите, шанковите и летните бавчи на кафулињата, базените, поточно секаде каде што се служат храна и пијалаци.
Воведувањето ваква забрана е според теркот на европските земји, кои во борбата против пушењето целосно го забранија. Во тој кош се најде, на пример, и Шпанија, земја која е татковина на тутунот и која има многу страсни пушачи, но, сепак, ја стави црвената линија и кажа „не“ за пушењето во јавни објекти. И речиси сите останати европски земји имаат воведно целосна забрана за пушење, поради што Македонија, доколку навистина се стреми кон ЕУ, треба дисциплинирано да опстои на законското решение со кое од почетокот на идната година се воведува целосна забрана за пушење во сите објекти.
Додека нашата држава му објавува војна на пушењето и на неговите консументи, угостителите се однесуваат лежерно, мислејќи дека проблемот со опаѓање на прометот што ги очекува од воведување на целосната забрана за пушење ќе им го реши некој друг. Тие ниту се доволно информирани за тоа што ги очекува по 1 јануари 2010 година, ниту, пак, се ангажираа досега да поднесат иницијатива за испитување на уставноста на оваа одлука, која според нив е спротивна на Уставот. „Слушнавме дека од почетокот на идната година ќе се забрани пушењето секаде, вклучително и во угостителските објекти, но не сме сигурни како ќе се спроведува тоа во практика. На пример, доколку има галерија, можеби таму ќе биде дозволено пушење или оваа одлука ќе се пролонгира, односно видоизмени“, велат дел од угостителите. Тотално неорганизирани, сеирџиски чекаат да видат што ќе се случува на терен.
Обид да се избори за угостителите, во пет минути до дванаесет, пројави туристичко-угостителската комора при ССК, која неодамна поднесе петиција до Владата и до ресорните министерства за измени на Законот за заштита од пушење. Петицијата, потпишана од 600 угостители, содржи економска анализа за последиците од примената на овој закон врз нивното работење, но и за државниот буџет. Нивната анализа покажува дека стапувањето во сила на овој закон ќе им го намали прометот за 20 отсто, а продажбата на алкохол ќе ја намали од 7 до 10 отсто. Спроведувањето на овој закон, според угостителите, ќе ги принуди да отпуштат од работа околу 10.000 келнери и шанкери, додека загубите што ќе ги претрпи Владата како резултат на намалените приходи од продажбата на алкохол се проценуваат на 16,2 милиони евра. Заради надминување на овие последици, оваа комора не бара целосно укинување на забраната на пушењето, туку негова модификација.
„Не бараме укинување на Законот, туку негово либерализирање во делот угостителските објекти да имаат можност за приспособување простории за пушење или, пак, пушењето да се дозволи на отворените делови, како што се терасите, шанковите, летните бавчи. Доколку Владата не излезе во пресрет на ова барање, Законот ќе го оспориме на Уставен суд“, најавува Нина Георгиева, координаторка на Туристичко-угостителската комора во ССК. Дел од угостителите предупредуваат дека доколку Законот неизменет стапи во сила од 1 јануари, тогаш истиот ден ќе излезат на масовен штрајк.
Од Министерството за економија, пак, велат дека единствено што можат да направат е да ги сослушаат угостителите, но не и да им помогнат. „Можеме да разговараме со угостителите и на владина седница да сугерираме евентуална измена на Законот, но надлежно за тој закон е Министерството за здравство. Значи, не можеме ништо да направиме и поради краткото време кое останува до стапување во сила на Законот. На угостителите доцна им текна да реагираат. Иницијативата за измена на Законот требаше да се преземе многу порано, а не нецел месец до истекот на годинава“, вели Исмаил Ебипи, портпарол на Министерството за економија.
Анализата на ССК се темели на споредба со европските земји за тоа какви резултати ќе има со имплементацијата на Законот за забрана за пушењето. Во Хрватска, со воведување на законот над 3 илјади објекти се затворени, исто толку лица останале без работа, а на оние што го почитувале законот им паднал прометот до 80 отсто. Во Германија, прометот е намален до 50 отсто, а во Велика Британија за две години биле затворени околу 5.000 пабови и 200 бинго-сали, а отпуштени се 64 илјади вработени.
Според податоците на Министерството за здравство, во Македонија пушат меѓу 40 и 50 отсто од граѓаните, што значи дека секој втор жител пуши. Тоа ја става нашата држава на врвот на листата земји со најголема потрошувачка на цигари, што е втора причина за смртноста во светот. Македонија е на второто место во Европа, веднаш по Полска. Според последната анализа на СЗО и македонскиот Институт за медицина на трудот, бројот на пушачи во земјава е во пораст. Социолозите и лекарите, пак, објаснуваат дека пушењето во Македонија е социјален вентил. Луѓето палат цигара за да се ослободат од стресот, бесот и од нервозата. Според нив, големо влијание врз одлуката да се запали цигара има и ниската цена на цигарите и нивната достапност во секој киоск и дуќан.
Кај нас казните за угостителите и фирмите се движат од 500 до 1.000 евра, а предвидено е и затворање објект од 30 дена. Пушачите, пак ќе платат 100 евра на самото место каде што е забрането пушењето. |