Број 3155  среда, 09 декември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Site Meter

Фељтон

Албанците - нивното минато, потеклото и обичаите (16)

Панично бегство на Зогу пред Мусолини

Албанскиот крал на чело на Албанија бил од 1925 до 1939 година, кога побегнал по нејзината окупација од Италија

Виктор Цветаноски


Животот во Албанија од 1925 година, па се' до април 1939 година, кога кралот Ахмет Зогу ќе пребега во странство по навлегувањето на Мусолиниевата војска, ќе помине во знакот на неговото апсолутистичко владеење. Тој ќе се вклучи на политичката сцена во 1920 година како најмлад бајрактар на познатото племе Мати. Ќе биде во составот на неколку влади, како министер за внатрешни работи и на вооружените сили, а откако ќе стане премиер и претседател на албанската држава, ќе се круниса за крал на сите Албанци.

Ахмет-бег Зогу е роден е во 1895 година, а како млад ја презел наследната функција бајрактар од својот татко, кога ќе игра значајна улога во племенските судири. Во годините кога ќе ја освојува власта ќе биде помаган од Србите, кои во тоа време се пресметувале со качачките банди во Косово.

Токму и поради тоа негови најголеми непријатели ќе бидат Косовците, раководени од Хасан Приштина и Бајрам Цури, кои во почетокот на дваесеттите години на минатиот век ќе играат значајна улога во политичкиот живот на Албанија – првиот ќе биде премиер, а вториот министер за војна. По постојаните судири со нив, пролетта 1924 година Зогу со 500 приврзаници ќе мора да пребегне во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, но набргу ќе се врати. Со 2.000 војници на Кралството СХС, облечени како Албанци, и 800 руски платеници на 23 декември 1924 година речиси без борба ќе ја заземе Тирана.

Од тој момент почнува неговата апсолутистичка власт. Се' ќе се одвива како на филм, според однапред подготвено сценарио. На 6 јануари 1925 година ќе формира влада од тројца луѓе, а петнаесетина дена подоцна Националното собрание ќе ја прогласи Албанија за република, бидејќи таа се' уште формално била монархија. Веќе на 31 јануари ќе го изберат за претседател на државата со неограничени овластувања. Истовремено ќе биде и премиер и врховен командант на вооружените сили. Тој ги именувал министрите, високите државни службеници, судиите и офицерите.

„Откако на тој начин за себе создаде легална основа за власт, Зогу се зафати да го обезбеди тоа свое владение на друг, повеќе балкански начин и да ги оневозможи обидите да биде симнат од власт. Личните противници ги тргна. Прва жртва беше Луиѓ Гуракуќи, убиен на 2 март 1925 година. Бајрам Цури, кој се повлече во планините на северна Албанија, го фатија владините сили. За да го избегне затворот, тој изврши самоубиство на 29 март 1925 година. На тој начин Зогу се ослободи не само од заколнатиот непријател, туку и од противникот кој за него и на воен план претставуваше опасност. Последна жртва беше Хасан Приштина, основач на Косовскиот комитет за одбрана, кого судбината го стигна на 14 август 1933 година кога во Солун го уби еден од агентите на Зогу“, пишува германски албанолог Петер Бартл.

Иако на власт дошол со помош на Србите, Ахмет Зогу подоцна ќе се сврти кон Италија, која ќе почне да игра клучна улога во Албанија и на стопански и на политички план. Според Бартл, за да ја стави целосно под контрола Албанија, Мусолини скроил посебен план – да склучи одбранбен сојуз со неа, да ја претвори во монархија, а Зогу да го прогласи за крал и да го ожени за да има наследник. Преговорите за тоа во Тирана ги водел лично Зогу со италијанскиот амбасадор Уго Сола. И покрај желбата да стане крал, се колебал, зашто не сакал да ја стави Албанија под целосна контрола на Италија.

Меѓутоа, по еден настан што се случил во Прага, неговите резерви спрема Мусолини биле отстранети. Имено, во главниот град на Чехословачка, Прага, албански студент го убил амбасадорот на сопствената држава. Во текот на судењето и тој бил ликвидиран, така што никогаш не се дознало кој стоел зад овој крвав чин. Амбасадорот бил шура на Зогу и важел за човек што се залага за соработка со Кралството СХС. По атентатот, преговорите со Мусолини продолжиле без застој. Со асистенција на Рим, Албанија на 1 декември 1928 година била прогласена за „демократско, парламентарно, наследно кралство“, а Зогу бил крунисан за крал.

Васил Костојчиноски, кој подолго време го истражува минатото на Албанците, вели дека церемонијата на неговото крунисување не можела да се изврши според сите прописи од неколку причини - прво, неспојливоста меѓу муслиманската и христијанската церемонија; второ, големите давачки за неа; и, трето, личната желба на Зогу за време на крунисувањето да ја стави круната и да ја носи сабјата на Скендер-бег, кои тогаш биле заложени во Австрија како гаранција за заем.

Според Бартл, Зогу безуспешно настојувал на својата ориентална земја да и' даде западен изглед, настојувајќи пред Албанците да се претстави како „крал-спасител“ и наследник на Скендер-бег. „Во песните е славен како генијален државник и вбројуван во редот на ’албанските’ великани, како што биле Александар Велики, Пир и, секако, Скендер-бег. Новите улици и мостови го носеа неговото име. И покрај западноевропската надворешност, сепак, Зогу остана ориентален моќник кој целата власт ја држеше во свои раце. Ниеден министер, службеник или офицер не можеше да биде именуван или отпуштен без негова согласност. Љубоморно беше посветен на тоа да не дозволи кој било негов соработник да стане помоќен од него“, пишува германскиот албанолог, подвлекувајќи дека Зогу ни малку не го штедел мизерниот буџет на сиромашната албанска држава за да ги задоволи своите потреби. За одржување на својата кралска куќа трошел околу 9 проценти од буџетот на државата.

Зогу дури во јануари 1931 година ќе посети една странска држава. Поради нарушено здравје, ќе престојува во Австрија. Тогаш ќе отиде да гледа претстава во Виенската опера. На излегување врз него ќе има обид за атентат. Тој нема да настрада, но затоа, пак, ќе биде убиен неговиот аѓутант, а ќе биде ранет министерот Екрем Либахова.

За време на една посета на Албанија, во март 1937 година, италијанскиот министер Ќано ќе го потсети на обврската за женидба што била предвидена со Мусолиниовиот план. Зогу сакал да се ожени со принцеза од италијанската кралска фамилија Савој во што го поддржал и Мусолини, но не се согласил кралот Виторио Емануел. Проблем претставувала и различната религиозна припадност, Зогу бил муслиман, а Савој биле католици. Откако видел дека таа негова желба не може да се оствари, се согласил да се ожени со друга девојка од стара италијанска фамилија, но под услов да биде богата и, пред се', убава. Италија му ја предложила бароницата Фон Фосациека, сестра на Фердинанд Кастриот Скендер-бег, која наводно била потомок на Скендер-бег. Таа престојувала во Тирана во ноември 1937 година, но не ја придобила симпатијата на албанскиот крал. Тогаш Зогу решил да побара невеста надвор од Италија. Се оженил за Жералдина Апоњи, ќерка на унгарскиот гроф Ѓула Апоњи и Американката Гледис Стјуард.

„Била од фамилија на европско високо благородништво, убава и образована, но не и богата. Без оглед на тоа, свршувачката официјално била објавена на 31 јануари 1938 година, а на 27 април одржано свеченото венчавање во албанскиот главен град. Италијанскиот министар за надворешни работи, грофот Ќано, бил еден од кумовите“, пишува Бартл.

Една година подоцна, на 7 април 1939 година, на Велипеток, италијанските трупи ја окупирале Албанија без поголем отпор. Два дена пред тоа, Зогу ја испратил кралицата Жералдина со штотуку родениот син Лек и нејзината придружба со автомобили кон грчката граница. Потоа се обратил кон албанскиот народ, повикувајќи го во борба против италијанскиот окупатор, но поради тоа што многу малку луѓе имале радиостаници, речиси никој не го слушнал. Тогаш решил и тој да ја напушти Албанија. Од големиот сеф го зел скриеното злато и со повеќе членови од владата, со околу 500 високи офицери, службеници и свештеници, се' на се' со вкупно 2.000 души, пребегал преку Грција во Истанбул, а оттаму на Запад. За време на Втората светска војна, живеел во Лондон, а од 1946 година до 1955 престојувал во Египет под заштита на кралот Фарук, кој имал албанско потекло. Умрел на 9 април 1961 година во Сирен во близина на Париз, без да стапне на албанска почва.


#
Статијата е прочитана 1525 пати.

Испрати коментар

Од: Sashe
Датум: 09.12.2009 06:11:21
Mnogu jak fraer bil nema shto. Osobeno deka troshel 9% od bugetot za palatata neam zborovi :)
Од: Јован
Датум: 09.12.2009 14:31:18
Значи незнам како вие новинари да не научите една работа,кога ќе кажете христијан се мисли на сите(католик,православен и протестант),а кога ќе кажете муслиман имате(суни,шиити,суфи,фехабии.....итн).Затоа во текстот ги делите христијаните и потенцирате католик,а вамо ги обединувате муслиманиве и викате муслиман.Аман веќе едукација ве молам!

Најди! во Утрински
Насловна
Домашниот текстил во црна дупка
Зденко
За оцрнување на Бошкоски се впрегна и МРТ
Македонските стечајци штрајкуваат со глад
Сега сите го чекаат премиерот Груевски!
На кафеанџиите доцна им текна за пушењето
Обиколница на глупоста
Потешкиот е вистинскиот пат
Најголемото шоу на светот мора да успее
Три нови жртви на грипот
Жени и сестри на судии именуваше за нотари од министерот
Погазена од својата црвена линија?
Дoцна им текнува
Кошмарна дилема