Брисел го признава напредокот
„Европската комисија презентираше извештај со оцена за напредокот на Македонија за визна либерализација и таа е позитивна“, изјави вчера евроамбасадорот Ерван Фуере.
Прашан за правото за слободно патување, во контекст на изјавата на францускиот министер за надворешни работи, Бернар Кушнер, рече дека спорот за името ја попречува македонската евроинтеграција и визната либерализација, Фуере посочи на заклучоците на Европската комисија за тоа прашање.
„Многу е важно да се нагласат некои работи за да се разјасни каква е ситуацијата. ЕК презентираше извештај со процена за напредокот на земјата за визна либерализација. Позитивна е оцената за она што го направи земјата. Комисијата, исто така, соопшти дека експертски комисии ќе дојдат во Македонија за да ја проценат ситуацијата и доколку Владата ги исполни сите реформи, тогаш Комисијата ќе биде во можност на земјите-членки да им предложи ослободување од визниот режим. Македонија е на добар пат. Таа е лидер во регионот во исполнувањето на критериумите за визна либерализација“, рече Фуере. (П.Р.) |