Универзалната декларација е многу повеќе од список на права
Рикер: Не треба да постои толеранција за изборното насилство, за заплашување и нерегуларности
Меѓународниот ден на човековите права -10 Декември, како и 60-годишнината од потпишувањето на Универзалната декларација за правата, вчера беше одбележена со повеќе манифестации. На свеченоста на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, на која присуствуваа ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Велимир Стојановски, бројни професори и студенти, се обрати амбасадорот на САД во Македонија, Филип Рикер. Свечена седница посветена на оваа тема одржа и Собранието на Република Македонија.
„Универзалната декларација е многу повеќе од список на права - таа е повик за акција. Ги повикува сите поедници и тела во општеството да го промовираат почитувањето на овие права и слободи и со прогресивни мерки, национални и меѓународни, да го обезбедат нивното универзално и ефикасно признавање и почитување. Тоа е висока и благородна цел и одредува многу работа пред нас“, рече амбасадорот Рикер во обраќањето пред присутните.
Суштината на прашањето за човековите права, како што истакна амбасадорот, е како да се намали јазот помеѓу очекувањата од идеалите и реалноста од сегашното време.
Амбасадорот Рикер во обраќањето се осврна на демократијата на парламентарните избори кои се одржаа во јуни годинава.
„Се поставува прашањето каков е јазот за Македонија и како да се намали. Сите знаеме дека основно право на сите граѓани е да ја изразуваат својата демократска волја на слободен и безбеден начин, а нивните гласови да бидат изборјани фер и прецизно. Не треба да постои толеранција за изборното насилство, за заплашување и нерегуларности“, додаде амбасадорот Рикер.
Тој истакна дека проблематичните избори го скратиле правото на некои граѓани да гласаат во безбедно опкружување. Според него, Македонија мора да работи на имплементација на препораките од ОБСЕ/ОДИХР и да ги поправи недостатоците на претседателските и локални избори во март идната година.
„Но, и' честитаме на Македонија за клучните чекори што ги направи во заштита на дел од најранливите граѓани од земјава и регионот. Не само што работеше на отстранув��ње на трговијата со луѓе туку ги подобри и севкупните можности за заштита на човековите права“, рече амбасадорот на САД во Македонија, Филип Рикер.
Пред присутните пратеници во законодавниот дом, претставници на Владата и дипломатскиот кор се обрати народниот правобранител Иџет Мемети, кој рече дека пред 60 години земјите-членки на Обединетите нации се согласиле да ја прогласат Универзалната декларација за човекови права како општ стандард што треба да го достигнат сите луѓе и нации.
„Идејните творци на овој документ, рече Мемети, го направија токму тоа затоа што сметаа дека е потребна гаранција за признавањето на вроденото достоинство и на еднаквите и неотуѓиви права на сите членови на човештвото, бидејќи тоа се темелите на слободата правдата и мирот во светот“.
По повод 60-годишнината од донесувањето на Универзалната декларација за човекови права, вчера во „Инфоцентарот“ на ЕУ во Скопје се одржа целодневна конференција. (П.Р.) |