СОНК во преговори за колективните договори
Министерот за образование, Перо Стојановски, вчера одби директно да одговори на прашањето дали ќе бидат разрешени директорите, кои СОНК бара да бидат сменети поради „минирање“ на штрајкот во образованието.
„Во Спогодбата што ја потпишавме стои дека спогодбено ќе се договориме со СОНК околу наредните активности“, изјави вчера министерот за образование и наука, Перо Стојановски, одговарајќи на новинарско прашање. На прашањето дали ќе го смени и просветниот општински инспектор кој постапил незаконски за време на штрајкот, министерот рече дека општинските инспектори добиваат овластување од локалната самоуправа и дека Министерството нема надлежност над нив.
Министерот Стојановски и синдикалниот лидер Дојчин Цветановски вчера го официјализираа стартот на работните групи за изработка на колективните договори за високо образование и наука.
„Ова е иницијална средба каде што дефиниравме рамка каде и како ќе се движиме во наредниот период. Нашата цел е побргу да завршиме со изготвување на колективниот договор“, изјави вчера министерот Стојановски. Тој најави дека првата нацрт-верзија за договорите ќе биде пуштена на јавна расправа. „Петнаесет или шеснаесет години на вработените во овие две дејности им беа скратени правата. За неколку месеци вработените ќе можат да добијат проширени права со законите кои ја регулираат оваа област“, рече претседателот на СОНК, Цветановски. Најниската плата, вели тој, ќе се прецизира откако ќе се утврдат коефициентите за што ќе се консултираат и со универзитетите. (Ж.Х.З.) |