ДИК го почна проектот за фер избори
Локалните и претседателските избори се' уште не се официјално распишани
Катица Чангова
„Не смееме да дозволиме никакви инциденти на претседателските и на локалните избори во 2009 година“, изјави Александар Новакоски, претседател на Државната изборна комисија, која вчера ја одржа првата седница во нов состав.
Претставувајќи ги старо-новите членови, Новакоски ја потенцираше огромната одговорност на ДИК, која треба да организира два исклучително важни изборни циклуса кои се клучни за евроинтегративните процеси кон кои се стреми Македонија.
„Ќе направиме се' изборите да ги организираме успешно, во согласност со регулативата и со стандардите“, нагласи првиот човек на ДИК.
На денот на изборите, чиј датум се' уште не е официјално определен, ДИК најави дека ќе бара целосна поддршка од сите надлежни институции, но и од политичките партии, затоа што смета дека тие треба да ја понесат одговорноста за евентуални инциденти.
Проектот на ДИК со УНДП што се однесува на спречувањето на семејното гласање продолжува и понатаму, беше кажано на вчерашната седница. Од ДИК најавија и нов проект што ќе го финансира норвешката влада. Станува збор за префрлање на Избирачкиот список од Министерството за правда во ДИК.
Собранието на Македонија на 4 декември со 87 гласа „за“ го верификува кадровскиот состав на Државната изборна комисија, која ќе ја води опозицијата. За претседател на ДИК пратениците го избраа Александар Новаковски, за негов заменик Субхи Јакупи, а за членови Јосиф Јосифовски, Тања Алтанџиева, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Бедредин Ибраими.
Локалните и претседателските избори што треба да бидат наскоро распишани ќе бидат најскапите во досегашната плурална историја на државата. Во Буџетот за 2009 за Државната изборна комисија се издвоени 439 милиони денари, а 400 милиони денари или малку повеќе од 6,5 милиони евра се наменети за изборите. ДИК доби околу 250 милиони денари или четири милиони евра за вонредните парламентарни избори. |