Граѓаните „чекаат“ јавна информација и до една година
Граѓаните добиваат јавна информација по повеќе од една година, а мал е бројот на имателите на информација од јавен карактер кои го почитуваат Законот за слободен пристап до информации. Ова се некои од заклучоците во извештајот за состојбата на остварувањето слободен пристап до информации од јавен карактер за ноември, изработен од Македонското здружение на млади правници и Фондацијата Институт отворено општество.
„Граѓаните и натаму се среќаваат со тешкотии при добивање на бараната информација, а со тоа и со законски загарантираното право за пристап“, се наведува во извештајот и се додава дека во 50 проценти од поднесените барања имателите молчат.
Законскиот рок за добивање информација од јавен карактер е 30 дена.
Извештајот наведува пример при што од денот на барањето со кое барател бара копија од договорот на македонската Влада за продажба на „Македонски телекомуникации“ (МТ), па до позитивното одлучување на Управниот суд е помината една година и три месеци.
„Уште повеќе загрижува фактот дека, и покрај успехот на барателот во постапката пред Управниот суд, до денешен ден ја нема добиено бараната информација“, се додава во извештајот.
Според заклучоците, постојат и ситуации кога имателот користи најразлични средства за да го оневозможи пристапот. (Макфакс) |