Поглед
Полициска правда
Горан Адамовски
Правдата е бавна, ама секогаш пристигнува. Или се' си доаѓа на свое место. Овие две поговорки не важат секогаш. Особено ако правдата треба да стигне меѓу полицајци или вработени во Министерството за внатрешни работи. Тогаш правдата може толку многу да задоцни, а може и да се искриви.
Секоја полиција и министерство си ги штитат своите вработени, се солидаризираат со нив, им помагаат. Тоа е закон и устав за сите што работат во МВР, без оглед на тоа во чија влада. На пример, кога некој од вработените во МВР ќе предизвика сообраќајка, тогаш ќе треба да мине многу време за да се заврши истрагата. Алкотестот и брзината на движење на возилото се мерат и истражуваат додека заборави јавноста дека воопшто се случила сообраќајна несреќа. Што напишале во извештајот - никогаш нема да дознаете. Дали ќе има судење, дали бргу ќе биде закажан процесот, дали судењето ќе се одвива ефикасно и дали пресудата ќе биде чесна - приказна за себе.
Ако вработените во МВР претепаат некого крвнички и кога ќе ги надминат овластувањата - има контратактика и за тоа. Прво, не се признава учество во инцидентот или, пак, следува добропознатата реторика: претепаниот прв започнал, ги навредувал службените лица, одбил да се лигитимира и, секако, давал отпор, поради што „морало да биде доведен во послушност“. Ако баш мора да се признае вина, тогаш следува „договорено“ извинување и условна казна за идиотско претепување и нанесување тешки телесни повреди на недолжни лица (случај „Процес“).
Приказни за полициски „пашалук“ има безброј. Правдата е бавна и секогаш пристигнува, ама подобро е да си немате работа со полицијата, оти кај неа правдата се пишува поинаку. |