Италијанската тајна на креветот на Путин
Во Москва не знаат зошто креветот на Берлускони би бил именуван по рускиот премиер
РИМ - Еден од најмистериозните елементи во најновата афера околу Силвио Берлускони е неовото осврнување на креветот на Путин. Кога "Тајмс" контактираше со кабинетот на Владимир Путин, портпаролот изјави дека рускиот премиер никогаш не му подарил кревет на Берлускони. Во снимениот разговор, гласот за кој наводно се тврди дека е на Берлускони, и' вели на Патриција Дадарио да го почека во големиот кревет, што таа го опиша како кревет со завеси.
Една теорија е дека Путин преспал во креветот додека престојувал во резиденцијата на Берлускони. Што се случувало во креветот за да биде именуван во негова чест, не е познато. Познато е дека двајцата се добри пријатели и Путин беше првиот светски лидер кој дојде во посета на земјата кога Берлускони минатата година се врати на власт. На прес-конференцијата Берлускони го опиша Путин како "многу пријатен. Тој се покажа како голем пријател со тоа што дојде тука". Путин се потруди да возврати на комплиментот наведувајќи дека Италијанките по убавина се веднаш зад Русинките. Тој додаде: "Отсекогаш негативно сум реагирал на оние кои со нивните одвратни носеви и еротски фантазии се плеткаат во животите на другите".
Силвио Берлускони се соочува со нов скандал откако аудио снимки излегоа во јавноста од недокажано флертување со проститука од висок ранг во неговата резиденција во Рим. "И јас ќе се истуширам. Ако завршиш пред мене чекај ме во големиот кревет", вели човекот за кој се претпоставува дека е премиер на Италија. "Кој кревет? На Путин?", прашува неговата придружничка Патриција Дадарио. "Ох, колку убаво, оној со завесите".
Причината зошто креветот е именуван по рускиот премиер и понатмау останува мистерија. Меѓуоа, аудио записите, објавени вчера на интернет, од страна на италијанскиот весник "Ла република" и неделникот "Еспресо", нудат извонреден поглед во тоа како Берлускони наводно ја минал вечерта на 4 ноември 2008 година, кога остатокот од светот чекаше да види дали Барак Обама ќе биде првиот црнец жител на Белата куќа.
Адвокатот на Берлускони, Николо Гедини, веднаш ја оспори веродостојноста на видео записите отфрлајќи ги како "безвредни, комплетно неверојатни и производ на имагинација". Владиниот министер Џанфрано Ротонди изјави дека тоа е обид од страна на левичарските медиуми "да се заплаши" власта со "непочитување на никаква етика" во новинарството.
Берлускони е вовлечен во сексуален скаднал откако неговата сопруга во мај обелодени дека се разведува од него, поради капката што ја прелеа чашата, односно неговото присуство на роденденската забава на 18-годишна амбициозна манекенка. Потоа се случи објавување на серија слики од голи луѓе како уживаат во неговата вила на Сардинија, и на крајот детали од неговите наводни средби со колгерли кои се појавија во јавноста за време на истрагата околу наводен рекет за проституција во јужниот град Бари.
Една конверзација на снимките е меѓу Дадарио и бизнисменот кој е во центарот на таа истрага, Џампаоло Тарантини. Таа му се јавува по ноќта помината со премиерот и се фали: "Синоќа око не затворивме". Дадарио потоа се жали дека не го добила ветениот плик со 5.000 евра што го очекувала, иако, вели таа: "Ми беше даден подарок. Не знам, мало нешто налик на желка". Таа наведува дека добила ветување оти премиерот ќе и' испрати некои од своите помошници да и' помогнат во проблемите што ги има со "Б и Б". "И потоа тој рече дека сака повторно да ме види, но со моја пријателка бидејќи (не' сака) и двете".
Берлускони не негираше дека Дадарио дошла во Палацо Грациоли, меѓутоа, наведе дека не знаел оти 42-годишната жена била проститутка.
(Тајмс он лајн - Индепендент) |