Број 3043  четврток, 23 јули 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Две параглајдерски несреќи во Охрид

Едно дете е полесно повредено, а параглајдерист од Русија ја скрши раката при слетување во кампот „Љубаништа“

Едно десетгодишно дете и параглајдерист од Русија се повредени во две несреќи што се случија завчера попладне кај автокампот „Љубаништа“ во Охрид. Детето од Радовиш престојувало на плажата во моментот кога еден од групата параглајдеристи од Русија се спуштале до височините на планината Галичица. При слетувањето во близина на кампот, крилото на параглајдерот го закачило детето, нанесувајќи му изгребаници на телото. Екипи на Брза помош веднаш ги санирале повредите на десетгодишникот, по што тој бил пуштен дома. Само пет минути подоцна на истото место се случила уште една несреќа. Друг параглајдерист од Русија при слетувањето се соочил со проблеми, при што паднал и се здобил со скршеници на раката. Тој е хоспитализиран во болницата „Свети Еразмо“ во Охрид и закрепнува од повредата. Полицијата утврдува како и зошто се случила несреќата, која можела да има трагичен завршеток.

Според информацијата од охридската полиција, првата несреќа се случила околу 17,30 часот кога параглајдеристот А.К. (31) од Русија при слетувањето полесно го повредил детето на плажата. Пет минути потоа, дошло до самоповредување на другиот параглајдерист, кој исто така се спуштил на истата локација. Педесет и четиригодишниот С.З., параглајдерист од Русија, при падот бил потешко повреден, по што веднаш е префрлен во болница.

Спасителите на Црвен крст, кои се грижат за безбедноста на плажите на охридското крајбрежје, веднаш притрчале напомош и првично ги санирале повредите кај детето, додека параглајдеристот со возило на Брза помош бил однесен во болница.

„Пациентот беше донесен со повреди на лактот и фрактура на надлактницата. Тој веднаш беше опериран и сега се наоѓа во добра и стабилна здравствена состојба“, вели директорот на болницата „Свети Еразмо“ во Охрид, д-р Митко Тилевски.

Директорот на Националниот парк „Галичица“, кој е надлежен на активностите во рамките на заштитената зона, вели дека никој не го информирал за несреќата. Тој изразува загриженост, бидејќи падините на планината често неконтролирано се користат од страна на параглајдеристите, без да ги информираат и да побараат дозвола од надлежните. Најголем проблем, според него, е тоа што Галичица располага со 25.000 хектари површина, која е невозможно да се контролира, особено од многубројните посетители кои ја користат планината за опасни спортови.

„Во пресрет на Светскиот куп за параглајдерство кој ќе се одржи на 1 и 2 август годинава, поставивме два нови пункта од каде што сметаме дека има одлични услови за спуст. Тие се наоѓаат над Велестово, а параглајдеристите би се спуштале кај спортските терени кај Билјанини Извори, со што не би претставувале опасност за никого“, укажува Зоран Ангелоски, директор на НП „Галичица“. Во иднина, тој планира да се воведе строга контрола на посетителите, кои ќе мора да се најават и да побараат дозвола за екстремни спортови. Ангелоски потврдува дека сегашната точка што ја користат параглајдеристите за спуст од Галичица е небезбедна, оти завршува на плажите кај кампот Љубаништа, при што можат да се случат несакани несреќи.

Потегот кај автокампот Љубаништа, според мештаните, со години се користи за прелетувања и слетувања на параглајдеристите, кои уживаат во екстремните спортови на Галичица. Сепак, станува збор за недоволно обезбеден простор, кој е во непосредна близина на плажите. Поради тоа, се најавува можноста или просторот да се обезбеди или, пак, извесен период да не се дозволуваат слетувања на параглајдеристите на тој потег. (Д.Т.)


Статијата е прочитана 2073 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Насловна
Претходен број
Евтина злоупотреба на Тарчуловски
Од денес почнуваат тропски горештини до 41 степен
Зденко
Ликот на Богородица на исечено дрво во Чашка
Пијани жени направиле инцидент на патарина
Политички пазар за МВР ќе го пречека Оли Рен
Полициска правда
Го испрскал со бензин и го запалил
Укинувањето на визите и печалбарски перспективи
На референдум со стар избирачки список
Македонија изолиран остров и во енергетиката
Карикатура
Сега и слободата на говорот станува услов за преговори за ЕУ
Италијанската тајна на креветот на Путин