На референдум со стар избирачки список
Владино тело подготвува методологија за прочистување на тефтерот со гласачи
Катица Чангова
Целосно филтриран избирачки список што одговара на реалноста Македонија треба да добие најдоцна до март 2010 година, изјави вчера за „Утрински весник“ министерот за правда, Михајло Маневски. Ако се суди според периодот за прочистување, септември 2009 - март 2010 година, тогаш станува јасно дека на најавеното референдумско изјаснување за предлогот за името ќе се оди со стар регистар на гласачи.
„Во законското време за кампања на тој референдум, секако, ќе го кажам моето мислење, но не очекувам дека тоа ќе биде пресудно, бидејќи граѓаните веќе имаат свое изострено чувство за ова прашање и лесно можат да пресудат што е добро, а што не. Политичарите се минлива категорија, а цел овој народ и по нивното заминување ќе треба да живее со тоа или без тоа решение за кое би се гласало“, ги објасни уште еднаш причините за референдум премиерот Груевски во интервју за „Форум“.
Во оваа ситуација околу термините за средување на списокот и се' поизвесниот референдум, пред многу недоумици и нејаснотии се наоѓа Државната изборна комисија. Имено, од 1 септември ДИК станува одговорна институција за списокот, а се' уште не знае, на пример, во каква форма ќе ги преземе податоците – во печатена или во електронска.
Владино стручно тело координирано од Министерството за правда подготвува методологија за прочистување на регистарот од евентуални аномалии во матичните броеви, генералиите и датумите на раѓање. Тефтерите за гласање ќе се отворат во две општини, една од западна и една од источна Македонија. Гостивар веќе е определен за скенирање, а таму треба да се открие колку се вистинити тврдењата за фиктивни избирачи.
Има непотврдени податоци дека на списокот фигурираат од 100.000 до 200.000 фантомски лица, или од шест до 11 отсто, што не е занемарлив процент во вкупното гласачкото тело.
Голем дел од општините се толку испразнети што бројот на гласачи е поголем од бројот на жители. „Утрински весник“ најде несогласување на податоците меѓу изброените жители и регистрираните избирачи во неколку општини. Така, во Маврово-Ростуше има 8.618 жители, а 9.216 гласачи, додека во Вранештица 1.322 жители, а 1.544 се гласачи. На овој список е и општина Новаци, со 3.722 избирачи наспроти 3.549 жители и Дебарца со 5.533 гласачи, а 5.507 изброени жители. Мали разлики меѓу жителите и избирачите во полза на жителите има во Центар Жупа, Пласница, Лозово, Дебар, Могила...
Експертската јавност прилично е скептична околу проветрувањето на списокот, особено околу тоа како ќе се дојде до точни бројки кои нема да остават простор за сомневање во наредните изборни циклуси. А дали потезите на власта околу списокот се само шминкерски или вистински, дали тие кои работат знаат како да се направи прочистување, набрзо ќе се знае. Интересно е тоа што МВР, кое располага со една од најголемите бази на податоци, меѓу нив за државјани на Македонија кои се во земјата и кои заминале во странство, потоа со книгите за починати лица..., досега не излезе со став за прашањето на гласачкиот регистар.
Не смее да се занемари тоа што не само на последните претседателски и локални избори, туку и на изборите пред тоа, од ОБСЕ/ОДИХР и Советот на Европа државата заработи црвен картон токму за легитимноста на податоците во избирачкиот список.
Министерот за правда вели дека повеќе институции се вклучени во подготвување методологија за прочистување на списокот и дека работата била во напредната фаза. Тој срамежливо потврди дека во врска со списокот ќе има консултации со претставници на организации од странство.
„Таа методологија веќе ја разгледувавме со претставници на политичките партии. Тргнувајќи од тие кажувања, подготвуваме конкретен работен материјал за кој треба да се изјасни Владата. Ќе има две пилот-општини каде што ќе се вршат дејства за утврдување на фактите. Проекцијата за ажурирање на регистарот е од септември годинава, се' до март 2010 година“, изјави министерот Маневски. Според него, и тогаш кога избирачкиот список ќе биде предаден на ДИК, надлежностите од законодавен аспект остануваат кај Министерството за правда.
Државната изборна комисија ќе го преземе списокот во иста состојба како што е сега, заклучува шефот на хиерархиски највисоката институција надлежна за избори, Александар Новакоски.
„Се' уште не е утврдена методологија за прочистување на списокот. Овој документ треба да оди во Владата на одобрување. Од методологијата ќе се знае што да се прави“, вели Новакоски.
Ако во општините што ќе бидат тестирани не се утврди некаква состојба на фалинки, тогаш ќе излезе проблем, што да се прави натаму. Но, фактите се непомирливи. И меѓународните набљудувачи беа фрапирани од тоа зошто книгата на гласачи станува се' подебела пред секој изборен циклус и зошто се топи разликата меѓу изборните и пописните бројки.
За две децении избирачкиот список е зголемен за 421.000 гласач. Во 1990 година биле регистрирани 1.371.176 гласачи, во 2000 имало запишано 1.634.859 избирачи, додека последните евиденции од 2009 се за 1.792.082 лица. Оваа бројка на возрасна популација која се стекнала со право за гласање речиси се доближува до бројот на вкупното население во Македонија кое, според процените на Државниот завод за статистика, е 2.022.000 жители. Токму овие соодноси внесоа забуна и ги вклучија алармите за тревога, со барања за ургентно прочистување на списокот за да може во иднина да се има доверба во изборните резултати. |