Политички пазар за МВР ќе го пречека Оли Рен
Се тврди дека ВМРО-ДПМНЕ добива целосна контрола на УБК, а ДУИ повеќе раководни позиции во МВР
Оливера Војновска
Македонската политичка елита, наместо да го шокира еврокомесарот Оли Рен со „конструктивност и хармонија за реализација на европската агенда“, какви што беа јавно искажаните заложби, вчера во пресрет на неговото пристигнување си ги извади очите. Овој пат предмет на жестоки обвинувања е новиот политички пазар меѓу двете владејачки партии што исплива на површина по експресното усвојување на Законот за внатрешни работи.
Споменатиот закон пред три недели беше ненадејно повлечен од собраниска процедура, а завчера доби собраниска верификација во наполно истата форма. Со исклучок на некои технички забелешки, кои опозицијата ги препозна во делот за психолошката проверка.
Опозиционерите се уверени дека Македонија повторно си дава автогол, бидејќи, според нив, ова законско решение е резултат на политички договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Притоа, се тврди дека партијата на премиерот Никола Груевски добива целосна контрола на УБК, а партијата на Али Ахмети повеќе раководни позиции во хиерархијата на МВР. Од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ вчера ги негираа ваквите обвинувања.
Вицепремиерот Абдулаким Адеми, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека „нема тајни договори и дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ транспарентно разговараат“.
Портпаролот на СДСМ, Емилијан Станковиќ, сигурен е дека донесувањето на Законот за внатрешни работи за ВМРО-ДПМНЕ значи добивање тајна полиција што ќе се користи за партиски цели и без никаква контрола, а за ДУИ нови партиски вработувања.
„Дополнително, како што ќе паѓа рејтингот на македонскиот премиер, така ќе станува повисока цената на ваквите пазари и ќе оди на директна штета на граѓаните и на државата“, изјави Станковиќ. Според него, за ВМРО-ДПМНЕ не важат Уставот и законите ниту, пак, им е важно исполнувањето на европската агенда. „За нив единствено важат коалициските пазари со нивните коалициски партнери“, вели тој.
За шефот на пратеничката група на ЛДП, Андреј Жерновски, нема дилема дека Законот беше повлечен само за да се договорат партиските вработувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
„За жал, во Македонија не функционираат законите, туку тајните договори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Повторно си даваме автогол на крајот од натпреварот. Овој закон е посочен од Брисел како закон што треба да ни овозможи позитивен извештај и да ни го отвори патот кон датум за почеток на преговори со ЕУ. Шестата точка вели дека треба да се обезбеди вработувањето и напредокот во кариерата на државните службеници да не бидат предмет на политичка вмешаност. Напротив, сега слушнавме дека имаме вработувања при кои единствен критериум е партиската книшка, дури и во МВР и на многу сензитивни места“, изјави Жерновски.
Координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, прашана дали постои договор на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ за зголемување на бројот на раководните структури во МВР, рече: „Не можам да одговорам колкав е бројот на раководните места во МВР на претставници на ДУИ, но знам дека треба да се почитуваат европските критериуми, односно критериумите за напредок во кариерата треба да се базираат на стручност, компетентност. Кај нас овој процес се усложни поради принципот за правична и етничка застапеност, но мислам дека и за тоа се најде решение, бидејќи системот за напредок треба да се базира на стручност и компетентност“.
Бонева тврди дека цело време се обидувале да постигнат консензус со опозицијата, но тие инсистирале веднаш да се направат и реформи во УБК, за што е потребно повеќе време. Таа реформа, како што вели Бонева, ќе биде направена подоцна. Притоа додава дека делот во Законот за внатрешни работи што се менува, се однесува исклучиво на тоа што од нас го барала ЕУ - усогласување на системот за напредок во кариерата. „Во Законот за внатрешни работи нема никакви промени што би значеле зајакнување на УБК“, уверува Бонева. Според неа, донесувањето на Законот не е поврзано со посетата на еврокомесарот Рен.
|