Денес дома, утре надвор - долговите се трупаат
Државата вчера влезе во нов домашен долг од 44 милиони евра, а за два месеца ќе зајми од 200 до 300 милиони евра и надвор
Соња Маџовска
Расте ли апетитот на Владата или се немаат пари за покривање ниту на основните трошоци, како што се исплатата на платите и на пензиите, па затоа се влегува во се' поголеми долгови?
Владата вчера повторно се задолжи на домашен терен. На аукцијата на шестмесечни државни записи собра 44 милиони евра, а денес треба да врати 43 милиони евра по основа на достасани обврски.
Но, задолжувањата нема да останат само дома. Владата за најмногу два месеца ќе се задолжува и надвор, со емисија на нова еврообврзница. Од Министерството за финансии вчера потврдија дека се избрани инвестициските банки, ХСБЦ и Кредит свис, што ќе ја направат подготовката за емисија на еврообврзницата. Тоа значи дека постапката за издавање на еврообврзницата е веќе почната, а инвестициските банки се, всушност, оние што ја водеа ланската постапка за издавање на еврообврзницата.
Иако од Финансии не откриваат колку пари ќе се зајмат, веќе имаше некои најави дека задолжувањето надвор ќе биде меѓу 200 и 300 милиони евра. Овие бројки покажуваат дека апетитите се се' поголеми, бидејќи ако сака владата да се покрие само буџетскиот дефицит, задолжувањето на странските пазари не треба да биде повисоко од 170 милиони евра, колку што е планиран буџетскиот дефицит за годинава.
Експертите алармираат дека овие месеци не се вистински момент за издавање еврообврзница поради високите камати, што се подгреаја под притисок на случувањата во Грција. Во моментов каматите на обврзниците на странскиот пазар надминуваат 12 проценти. Поранешниот министер за финансии Трајко Славески смета дека воопшто не се поволни условите за емисија на еврообврзница, а цената што ќе треба се плати на име камата е превисока. Според него, постои опасност и да нема интерес за нашата еврообврзница.
Опозицијата, пак, повторно ја повика Владата, место да го цица стопанството, веднаш да направи ребаланс на буџетот. Веќе се слуша дека Владата се' подготвува за ребаланс на буџетот во јуни.
„Владата на грбот на граѓаните ја плаќа катастрофалната и неуспешна економска политика што ја спроведува четири години. Долго време предупредувавме дека овој концепт на трошење еден ден ќе колабира. Се гледа дека нема пари. На пример, нема пари во Фондот за здравство, па затоа нема лекови, а платите доцнат. Ова што сега го прави Владата е пирамидално зајмување. Денес зема за утре да врати. Ваква ситуација имаше и Албанија, а сега и Грција. Инсистираме на итен ребаланс, за буџетот да се доведе во реална рамка што ќе одговара на катастрофалната економска ситуација“, вели пратеникот Игор Ивановски.
Инаку, долгот на државата постојано се зголемува. Вкупниот јавен долг на државата изнесува 2,2 милијарди евра. Од нив 1,3 милијарди евра се надворешен долг, а внатрешниот изнесува 863 милиони евра. Ако се погледнат бројките наназад неколку години ќе се види дека толку висока внатрешна задолженост државава немала.
Инаку, на вчерашната аукција Владата понуди државни записи со каматна стапка од 4,99 проценти. Пониската камата последниве месеци не го намали интересот на банките и на инвеститорите. Сите записи што ��еа понудени се продадени. Излегува дека записите се најисплатливи за банките. Тие вчера дел од парите врзаа за државните записи, а денеска има аукција и на благајнички записи. Не се намалува интересот на банките и за овие записи. И во НБМ секоја среда се замрзнуваат околу 100 милиони евра. Ова значи дека никој не го слуша апелот на бизнисмените, место за записи, парите да одат во стопанството. |