Потрага по литиум
Фирмите во поход по безбедни и богати резерви за полнење на батериите на електричните автомобили
Њујорк - Многу години мал број метали создавале поголема здодевност кај рударските компании отколку литиумот, лесен елемент што долго време се поврзуваше, главно, со лековите за стабилизирање на расположението. Одеднаш, здодевноста се претвори во еурека. Како што се шири сознанието дека литиумот е клучен составен дел за хибридните и за електричните автомобили, во тек е глобална потрага по нови резерви на овој метал.
„Тојота Цушо“, снабдувач на материјали за големиот јапонски производител на автомобили, во јануари најави заедничка зделка со австралиската рударска компанија „Орокобре“, за спроведување на проект за литиум во Аргентина, во вредност од 100 милиони долари. Договорот беше постигнат неколку денови откако „Магна интернешенел“, канадска компанија за автомобилски делови што помага да се произведе верзијата на „форд фокус“ на батерии, најави дека инвестира десет милиони долари во мала канадска компанија за литиум која, исто така, има проекти во Аргентина. Тие беа најнови во низата договори и проекти најавени минатата година, како одраз на новата трка кај компаниите да обезбедат резерви на металот за иднина.
„Во тек е голема трансформација. Се наоѓаме на крајот на многу значајно зголемување на побарувачката за литиум, наменет за секторот електричен транспорт, во развој“, вели Џејмс Д. Калавеј, претседател на „Орокобре“. Сепак, Калавеј додава дека тајмингот за какво било зголемување на резервите и побарувачката на литиум тешко може да се предвиди, пред се', бидејќи електричните возила допрва треба да доживеат големо лансирање.
Околу 60 рударски компании почнаа физибилити студии во Аргентина, Србија и во Невада, што потенцијално би можело да доведе до нови проекти за литиум во наредните неколку години, во вредност од една милијарда долари, додека десетици помали проекти се предложени во Кина, Финска, Мексико и во Канада. Компаниите се натпреваруваат за финансирање на конструкцијата, а иднината на повеќето проекти ќе зависи од тоа колку ќе станат популарни електричните возила. Тоа се' уште е отворено прашање, бидејќи батериите и натаму се скапи, а понатаму треба да се отворат станици за полнење, а подготвеноста на потрошувачите за автомобили што бараат редовни запирања на електричните станици не е испитана.
„Работите се одвиваат толку брзо“, вели Едвард Р. Андерсон, претседател на групацијата ТРУ, консултантска фирма специјализирана за литиумска индустрија. „Многу луѓе вложуваат пари во тоа и многу луѓе ќе ги изгубат парите“.
Во меѓувреме, четирите најголеми производители што копаат и собираат литиум на друг начин, во Чиле, Аргентина и во Австралија, истакнуваат дека тие планираат да ги прошират долгорочните проекти, што се оправдува со идната побарувачка.
Во Боливија, која има речиси половина од светските резерви, левоориентираната влада гради пилот-фабрика за производство и врши истражувачки дупчења. Со оглед на тоа дека Боливија е далечна, нестабилна земја, честопати непријателски расположена за странски инвестиции, се поттикна интерес за производство на литиум во соседните Аргентина и Чиле, како и во Австралија и во САД. Неколку канадски и американски компании имаат изгледи за производство на литиум во иднина во Невада, иако мал број аналитичари предвидуваат обемно производство од таа земја.
Поголем дел од пазарот за литиум е наменет за различни индустриски апликации. Околу една четвртина од целиот произведен литиум се користи за енергетско складирање од секаков вид, од мобилни телефони до лаптоп компјутери и дигитални камери. Тој процент веројатно ќе се зголеми драстично доколку бидат лансирани автомобили на батерии. Литиум-јонските батерии се омилениот вид батерии за електрични и хибридни возила, бидејќи тие пренесуваат повеќе енергија со помалку тежина отколку другите материјали и тие побавно се празнат. Тие складираат околу три пати повеќе енергија на половина килограм отколку никел-метал хибридна батерија.
Литиумот се наоѓа во трагови на многу места, но се произведува комерцијално, главно, со две методи. Една е преку копање и обработка, што е релативно скап метод со кој се произведува литиум, главно, за стакло, керамика и за производство на телевизиски цевки. Поекономичен и позначаен метод е преку испарување на раствор што содржи литиум, главно, во солените рамни површини во планинските предели на Јужна Америка и во западна Кина. Милиони години во планинските басени се формирале резервоари на литиум, откако реки и топли извори ги заплискувале карпите со литиум и го испирале минералот од нив. Производителите дупчат извори во солените рамни површини и го пумпаат растворот во базени за испарување. Со отстранувањето на водата, содржината на литиум во растворот се зголемува до ниво на кое може да се собере и да се испрати до хемиска фабрика за обработка.
Рециклирањето на литиумот од искористените батерии би можело да стане важен извор на овој метал во годините што следат, при што „побарувачката за недопрен материјал ќе се намали“, вели Р. Кејт Еванс, геолог што работи како консултант на производителите на литиум. Околу 50 отсто од литиумот во искористените батерии во иднина би можел да се рециклира. Меѓутоа, Еванс додава: „Големо прашање е времето на побарувачката. Дали ќе се изгради фабрика пред да се развие пазар?“
(Интернешенел хералд трибјун) |