Грците штрајкуваат, Европа губи трпение
Грците масовно штрајкуваат против новите, досега најригорозни, мерки на штедење и кратење на трошоците што ги презеде владата за да ги добие европските пари и парите од Меѓународниот монетарен фонд. И додека грчкото население протестира, од Европа веќе пристигнаа сериозни предупредувања дека Унијата почнала да го губи трпението со Грција и со протестите во таа земја, на која и' се одобрени големи суми пари за нејзино спасување.
„Европа губи трпение со Грција“, изјави австрискиот министер за финансии Јозеф Прел, откако во Атина почна нов бран протести против владините мерки за штедење. „Во врска со протестите во Грција, ние и останатиот дел од Европа го губиме трпението“, рече Прел, откако еврозоната одобри финансиска помош од 110 милијарди евра за Грција. Според него, и грчкото население треба да сфати дека строгите мерки се неопходни за излез на земјата од длабоката криза.
И додека високи европски политичари се обидуваат да им укажат на Грците колку е сериозна состојбата во која се најдоа, тие не се откажуваат од своите протести. Илјадници Грци протестираат во Атина. Демонстрантите со пароли ги прекрија бедемите на Акропол, најславниот споменик на Грција, во знак на протест поради новите остри мерки за штедење. Околу 200 демонстранти од Комунистичката партија на Грција в зори ги пробиле заклучените капии на Акропол и на бедемите на древната градба истакнале пароли на грчки и на англиски јазик со повик „Народи на Европа - побунете се“. Засега полицијата не може да каже како демонстрантите влегле во Акропол, кој во тоа време е затворен за посетители и е под строг полициски надзор.
„Тоа е порака за луѓето во Европа“, изјави Панајотис Папагеоргопулос од Грчката комунистичка партија, кој беше еден од демонстрантите на Акропол. „Луѓето имаат исти проблеми секаде. Може да се погрижиме за нашата судбина преку организирани мирни протести, така што животот да не ни биде управуван од ЕУ и од ММФ“, истакна тој. Синдикалните лидери тврдат дека мерките најмногу ќе ги засегнат Грците со ниски плати. „Нема да дадеме ниту еден цент за кризата“, беше една од паролите.
Ова следува откако грчката влада објави нови мерки за намалување на трошоците до крајот на 2012 година во висина од 30 милијарди евра, за да го обезбеди виталниот пакет со заеми од ММФ и од државите во еврозоната. Новите мерки повлекуваат намалување на пензиите и на платите во јавниот сектор, како и дополнителни даночни оптоварувања.
Државните службеници, вклучувајќи ги и наставниците во училиштата и персоналот во болниците, вчера почнаа со 48-часовен штрајк. Денеска треба да им се придружат и работниците од приватниот сектор, со што штрајкот ќе стане генерален. Заедничкиот штрајк на двата највлијателни грчки синдиката се очекува да го парализира животот во земјата.
Ваквиот хаос во Грција беше доволна причина што вчера грчката влада ја почна операцијата „Чисти раце“ за да бидат изведени пред суд виновниците од претходниот владин кабинет за несоодветно трошење државни средства, поради што сега државата е во криза, објави „Та неа“. (Ек.Р.) |