Нема чаре ниту за кравите ниту за млекото
Пропаѓањето на „Сведмилк“ му пресуди лошо на сточарството
Александрија Стевковска
Сточните пазари се преполни со добиток. Најмногу се нудат млечни крави по багателни цени. Ова е повеќе од јасен сигнал дека нешто не е в ред кога добитокот, место во шталите, се' почесто може да се најде на пазарите, чекајќи ги новите газди. Помалку среќните животни и не ги дочекуваат, а дел од нив, пак, не успеваат да се најдат на пазарите. Тие завршуваат на трпезите на нивните сопственици, бидејќи за нив нема побарувачка на пазарот.
Па, така, кравите што фармерите ги купиле за 1.700 евра, сега не се продаваат ниту за 700 евра. Во овој период од годината, кога храна во природата има се' повеќе и кравите имаат зголемена лактација, место да ги чуваат, фармерите се ослободуваат од млечните крави поради тоа што немаат кому да му го понудат млекото, а чувањето на животните станува се' поголем трошок.
„Добитокот масовно се коле во домашни услови, бидејќи никој не сака да го купи на пазарите. Цените се ниски, како за животните, така и за нивното млеко, па сточарите немаат корист ниту да ги чуваат кравите ниту да ги продаваат. Од една страна, не им се исплатува да ги чуваат кравите, бидејќи млекото се презема по ниски и депласирани цени, а од друга страна, пак, на пазар има многу ниска цена за животните, така што фармерите се наоѓаат во безизлезна ситуација од која не гледаат позитивен исход“, вели Недим Касами од Федерацијата на фармери.
Според него, има неколку клучни фактори за намалување на добитокот. „Пропаѓањето на ’Сведмилк‘ му пресуди лошо на сточарството, бидејќи се купени многу крави, чие млеко потоа немаше каде да се нуди. Млекарниците што се одважија да преземат дел од зголемената понуда на млеко нудат ниски откупни цени, со самостојно одредување на класите при откуп, што севкупно влијае врз пропаѓањето на оваа гранка. Освен тоа, фармерите се хендикепирани, бидејќи не можат да аплицираат за програмата ИПАРД ако имаат помалку од десет крави, а најголем дел од сточарите ги намалија фармите и немаат дури толку грла“, додава Касами.
Според него, најголем доказ дека добитокот е намален е разликата од 60.000 грла што се гледа преку исплатените субвенции. „Ако претходно се исплатувале субвенции за околу 260.000 грла, а сега за 200.000, каде е разликата од 60.000“?, прашува Касами.
Според официјалните ветеринарни власти, бројката на добиточниот фонд во 2008 и во 2009 година не е променета, односно таа варира во мали граници, но тоа не е нешто драстично. Интересно е дека бројот на говеда, според нив, се зголемува. Сепак, оттаму не можеа точно да кажат за движењето на бројноста на млечни крави, бидејќи тие не воделе евиденција со таква поделба на добитокот. „Во 2007 година бројот на добитокот беше нереално висок, но тоа беше поради се' уште нецелосно имплементираниот систем за евиденција на грлата во тој период. Во 2008 и во 2009 година бројката е пореална и покажува тренд на раст. Во 2008 година имало евидентирано 243.667 грла говеда, во 2008 година таа бројка се зголемила на 257.900, а последните бројки од оваа година покажуваат дека во земјава има 265.246 говеда“, информираат од Ветеринарната управа. |