Поглед
Треска по Бекам
Сашко Димовски
Веста дека Дејвид Бекам во пролетниот дел од сезоната ќе игра за Милан предизвика огромно интересирање на јавноста поради кое е променет клупскиот сајт, додека телефонските централи се преплавени со повици на заинтересираните од целиот свет. Локалните медиуми пренесуваа дека по објавувањето на веста за доаѓањето на Бекам во Милан се зголеми и побарувачката на билетите за натпреварите на „росонерите“.
Со доаѓањето на Дејвид Бекам во Милан, трофејниот италијански клуб е посилен за искусниот фудбалер, а градот на високата мода побогат за ценетиот манекен. Италијанските медиуми секојдневно информираат за треската што ја зафати цела Италија и се нестрпливи да видат каде англискиот репрезентативец ќе се покаже во подобро светло: на модните патеки или на фудбалскиот терен.
Како и да е, човекот-реклама, како што го нарекуваат Дејвид Бекам, пристигна во Милано, а и официјално им се претстави на навивачите. Како што и прилега на вистинска ѕвезда, Бекам е промовиран во нов член на Милан на гламурозна конференција за печат. Меѓутоа, истите тие медиуми не пропуштија, а да не истакнат дека „фудбалот е се' помалку фудбал, а се' повеќе маркетинг“, коментирајќи еден од најчудните трансфери во историјата на фудбалот - доаѓањето на Дејвид Бекам во Милан само на три месеци, за време на паузата во американската НЛС- лига.
Но, овој трансфер и не би требало да е сензација. Меѓу фудбалот и маркетингот одамна постои знак на равенство. Можеби Милан нема да биде најдобар тим, но најверојатно ќе биде најгледан, најпривлечен за спонзорите. Кога е во прашање Дејвид Бекам тука нема ризик од промашување. Англичанецот веќе од поодамна е светски бренд, маркетиншка икона која создава пари, а исто толку време тој е подобар манекен отколку фудбалер. |