„Руен“ испрати 127 работници на принуден одмор
Додека трае одморот вработените ќе земаат 70 отсто од просечната плата
Иван Бојаџиски
ШТИП - Светската економска криза пристигна и во Кочани. На удар се најде индустријата за автомобилски делови „Руен интернешенел“, најголемата фабрика во рамките на локалното стопанство. Раководството на фабриката додели решенија на 127 работници со кои се испраќаат на привремен платен одмор во траење од три месеци. За тоа време овие лица ќе примаат по 70 отсто од просечната плата што е во согласност со Колективниот договор потпишан меѓу менаџерите и синдикалното раководство.
Ова значи дека кризата во „Руен интернешенел“ за почеток зафати една четвртина од околу 500 вработени. Вчера никој од раководството не беше во фабриката. Всушност, производството во „Руен интернешенел“ е запрено лани, на 27 декември, а планирано е да продолжи на 15 овој месец.
Поради проблемите со пласманот на ламелите и квачилата, а со цел да се намалат трошоците на работење, двата производа кои фабриката во Кочани ги произведува за светската автомобилска индустрија, празниците беа споени.
„Точно е дека светската финансиска и економска криза не' погоди и нас. Ова беше очекувано затоа што кризата најмногу ја погоди автомобилската индустрија за која и ние работиме. Иако раководството има право да отпушта работници без да објаснува зошто го прави тоа, а се' во рамките на новиот Закон за работни односи, кај нас не се случи такво нешто. Раководството го почитуваше Колективниот договор и обезбеди егзистенција за оние работници кои во наредните три месеци нема да доаѓаат на работа. Од тој аспект, ние како синдикат сме задоволни. Посакуваме кризата да трае што покусо и сите работници да се вратат на работните места“, вели Делчо Трајчев, претседател на фабричкиот синдикат.
Во најубавите години од постоењето „Руен“ имаше 1.400 работници. Во најголем дел работеше за фабриката за автомобили „Застава“ од Крагуевац. Со пропаѓањетото на фабриката почна и падот на кочанскиот колектив.
Во текот на 2003 година, кога во фабриката се' уште имаше 1.040 работници, „Руен“ е ликвидиран. На јавен меѓународен тендер, за 1,2 милиони евра, фабриката ја купи компанија од Лихтенштајн за подоцна да се утврди дека зад неа стои француски капитал. „Руен“ ги извезува производите најмногу на пазарите во Јужноафриканската Република, потоа во Турција, Мароко, Алжир, а едно време извезуваше и во Иран.
„Руен“ на времето, заедно со „Атом“ и ЗИК „Кочанско Поле“ беа стратегиски капацитети на кочанското стопанство од кое живееше градот. Но, во годините на македонската транзиција сите тие пропаднаа. Некои од нив се поделија и останаа да се вегетираат во домашниот стопански сектор. |