Србија сака мир во Косово

Меѓународната заедница да го осуди секој едностран потег што го загрозува успехот на дијалогот меѓу Белград и Приштина
Парламентот на Србија усвои Декларација за Косово во која се осудува секаков вид насилство, се повикува на мирно решавање на кризата и продолжување на дијалогот. Претседателот Тадиќ подвлече дека мирот нема алтернатива.
Собранието на Србија доцна во саботата усвои Декларација за Косово. Со Декларацијата се осудува секое насилство и се повикува на мирно решавање на кризата на Косово, како и продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Со декларацијата истовремено се повикува меѓународната заедница да го осуди секој едностран потег што го загрозува успехот на дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Во Декларацијата се наведува дека владата на Србија се обврзува да бара од меѓународните мисии, во согласност со нивниот мандат и Резолуцијата 1244 да не дозволат еднострани активност на привремените институции во Приштина со кои се загрозуваат мирот и стабилноста и можноста за наоѓање решение.
Во Декларацијата, парламентот констатира дека одредени меѓународни мисии со некои свои активност ги кршеле рамките на Резолуцијата 1244 со што се загрозуваат правата на српското население и интересите на Србија на Косово.
Од вкупно 207 присутни пратеници, за усвојувањето на Декларацијата гласаа 181 пратеник, 20 беа против, четворица воздржани, а двајца не гласаа.
Претседателот на Србија, Борис Тадиќ, на седницата на Собранието за кризата на Косово порача дека најважна задача на Србија е да обезбеди мир.
„Србија сака мир за сите луѓе на просторот на Југоисточна Европа. Мирот нема никаква алтернатива“, изјави Тадиќ и повтори дека Србија нема да води војна, туку ќе продолжи да ги решава проблемите на начин што обезбедува мир и стабилност за сите граѓани. Тој побара од меѓународната заедница на Косово да се воспостави ситуација каква што имало пред интервенцијата на косовската полиција на северот.
Тадиќ повтори дека Србија во никој случај нема да го признае Косово и оти дијалогот со косовските Албанци ќе ги реши проблемите на Косово. (Дојче веле) |