Колку Ватикан ја сака Хрватска

Папата поништи одлука на хрватскиот суд и подари имот што и' припаѓа на хрватската црква
Оречко-пулскиот бискуп Иван Милован денес треба да пристигне во Загреб со сите документи за манастирот во вредност од 30 милиони евра што папата, поништувајќи ја одлуката на хрватскиот суд, им го даде на бенедиктинците, односно побара обесштетување доколку хрватската црква не сака да ги предаде манастирот и земјиштето околу него. Во посебната комисија што ја формираше папата, за да донесе одлука за манастирот, беше и кардиналот Јосип Бозаниќ кој, исто така, даде своја согласност и ја потпиша одлуката.
Како што јавува „Глас Истре“, од владата ја потврдиле информацијата за состанокот, но нема никакви коментари во која насока би можеле да се одвиваат разговорите се' додека не ги видат сите документи што ги има Милован. Милован ќе ги проследи сите документи и до претседателот Јосиповиќ. Премиерката Косор даде куса изјава за новинарите дека не може ништо да зборува додека не ги види документите и не разговара со бискупот, како и дека ќе се разговара за можностите владата да помогне во целиот случај.
Канцеларот на Поречката и на Пулската бискупија изјави за ХТВ дека им се јавуваат луѓе од сите страни и нудат помош. „Адвокати од Истра и од Загреб ни нудат бесплатна помош“, рече Јаковлевиќ, кој во петокот изјави дека се' го асоцира на перење пари, бидејќи бискупијата ��и морала да ги уплати парите во бенедиктинска фирма со седиште во Хрватска, која има сметка во Франкфурт. „Основната грешка е направена во моментот кога државата Хрватска враќала недвижен имот за кој веќе бил исплатен надоместок“, изјави поранешниот пратеник во Светата престолнина, Ивица Маштруко за ХТВ.
На целиот случај реагираше и жупанот Јаковчиќ во чија изјава се наведува како на Поречката и на Пулската бискупија би можел да и' се закани банкрот доколку се спроведе одлуката според која бискупијата и новиградската жупа Дајла веднаш мора да го предадат имотот, да платат 500 илјади евра, а во рок од една година уште околу 5,5 милиони евра на име обесштетување, даноци и судски трошоци. „Се игнорираат одлуките на хрватскиот суд“, стои во соопштението во кое се додава дека бенедиктинците од Дајла, како италијански државјани, се веќе обесштетени со Осимските спогодби и дека со тоа добиле 1,7 милијарди некогашни лири. (Индекс.хр) |