Јане Чаловски со „Нацрт план“ на „Манифеста 7“
Европското биенале за современа уметност се одржува во Јужен Тирол и Тренто, Роверето и Болцано
Македонскиот уметник Јане Чаловски по втор пат учествува на Европското биенале за современа уметност „Манифеста“, овој пат со делото „Нацрт план” кое визуелно преведува серија документи и артефакти што се однесуваат на реконструкцијата на Скопје во 60-тите години од минатиот век и на неговото идентификување како град на идното „општество на граѓани и форми”.
Домаќин на годинешната „Манифеста 7“, која се отвора денес и ќе трае до 2 ноември, е италијанската покраина Јужен Тирол и градовите Тренто, Роверето и Болцано. Делото на Чаловски ќе биде презентирано во Болцано, како дел од изложбата „Остатокот од сегашноста”, зад која стои кураторскиот колектив од Индија, „Raqs Media Collective“.
Делото „Нацрт план“ го сочинуваат серија на цртежи, графики, публикација и презентација на оригиналната макета на планот за реконструкција на центарот на Скопје, изградена од студиото на јапонскиот архитект Кензо Танге. „Како што е познато“, посочува Чаловски, „предлогот на Танге победува на тендерот организиран од Специјалниот фонд на Обединетите Нации, но во подоцнежните етапи на неговиот развој и имплементација е нарушен и сменет до степен на непрепознавање на оригиналната идеја“.
Цртежите и графиките се мотивирани од различни официјални и неофицијални артефакти, кои документираат дел од процесот на реконструирање и планирање. Публикацијата е визуелизација на остатоците и деталите од оригиналната макета на Кензо Танге.
„Нацрт план“ ја продолжува приказната за Урбанистичкиот нацрт-план за Скопје која е долга и сложена и со текот на годините била предмет на анализа, расправа, забелешки и толкувања од страна на историчари, архитекти, социолози, еколози, политичари и студенти, сите во обид да откријат што всушност се случило, и како завршивме со вака прозаичен резултат. По толку меѓународен и локален труд и солида��ност, современо Скопје може да се смета за производ на низа политички одлуки кои немале никаква врска со архитектонската визија на Кензо Танге, претставена во неговиот оригинален план.
Скопје денес, ако ништо друго, е арена на постојана борба за превласт меѓу локалните и националните политички тела. Внимателниот третман на јадрото на градот, поврзувањето на двата брега на Вардар, вметнувањето на историските градби во постмодернистичката традиција, како што налагаше предлогот на Танге, ги заменија неубедливи замисли, оправдани само од стандардот на силите на власт. А за жал обичниот скопски граѓанин уште го обвинува тој ’Јапонецот’ понесен од амбицијата, кој помислил дека градот е видео игра“, вели Јане Чаловски.
Чаловски студираше на Академијата за ликовни уметности на Пенсилванија и на колеџот Бенингтон, за да продолжи на постдипломската програма во Центарот за современи уметности во Китакјушу, Јапонија и на Академијата Јан ван Ајк во Мастрихт.
Изработува цртежи, развива наративни стратегии за јавни простори и како што вели, верува во народното знаење. Неговите колаборативни, контекстуални проекти се меѓународно изложувани во повеќе музеи и галерии. Неодамна во галеријата „Жак / Браницка“ во Берлин, го презентираше делото „Музејот на модерна уметност на Оскар Хансен“ изработено заедно со Христина Ивановска, курирано од Себастијан Цихочки. (К.Б.) |