Брoj 2741  сабота, 19 јули 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Фељтон
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

ИНТЕРВЈУ

Негативците се поголем предизвик

Дракула и Саруман се комплексни ликови на темната страна, вели легендарниот актер Кристофер Ли

Сунчица Уневска

Легендарниот британски актер Кристофер Ли има 86 години, зад себе има 62-годишна кариера и 225 улоги, па сепак, како што кажа на фестивалот во Карлови Вари само последнава година работи на шест проекти. Последните негови големи улоги беа поврзани со блокбастерите „Господарот на прстените“ (Саруман) и „Ѕвездени војни“ (мајсторот Доку), но Ли неговите фанови многу повеќе го паметат по легендарните улоги на Дракула, на Фу Манчу, во „Викер мен“ или на мечувалецот од „Тројцата мускетари“. Многумина го паметат и по познатите британски „Хамер“ хорори и го сметаат за хорор-актер иако Кристофер Ли одигра уште редица различни улоги, кои подеднакво се обележани со неговата исклучителна појава и харизма. Во Карлови Вари, каде што го прими специјалниот „Кристален глобус“, беше дочекан со огромно одушевување и неверојатен интерес.



Господине Ли ќе започнам со Вашата последна улога по која светот во препознава. Саруман во „Господарот на прстените“ беше негативецот, но и моќната противтежа која работите ги движеше напред. Што беше ликот на Саруман за Вас?

На почетокот кога ја читав книгата сакав да го играм Гандалф, но подоцна сфатив дека Саруман е исклучително важен. Дека во него е сконцентрирана целата негативна моќ, која всушност ја предизвикува и ја движи Дружината на прстенот. Мислам дека Саруман е уште поважен од ликот на Гандалф, бидејќи тој е олицетворение на целото непријателство и тој е оној кој на многу начини е одговорен за се' што се случува. Знаете пред илјадници години Саруман бил благороден и достоинствен човек, но ако сакал да стане Господарот на прстенот морал да ја жртвува својата чистина. Саруман е моќен лик и голем противник, затоа и беше чудно што не бев дел од третото продолжение на овој филм. Бев многу навреден ��оради тоа. Но, луѓето реагираа и испратија илјадници интернет-пораки прашувајќи каде е Саруман и што се случи со него. Беше навистина чудно што наеднаш го снема, но на проширеното ДВД тој повторно е таму.



Дали зборувавте со Питер Џексон? Што мислите што се случи, зошто беа исечени сцените со Саруман од третиот дел?

Не знам, се обидов да најдам логичен одговор но не успеав. Неговата појава е многу важна, Саруман се појавува во едно страшно издание кога се' околу него е уништено и упатува закани тврдејќи дека човекот од шумата никогаш нема да биде крал, и потоа без никакво објаснување го снемува. Луѓето реагираа многу логично, очекувајќи го продолжението на приказната и тоа што Саруман го подготвува. Можеби сето тоа ќе се разјасни кога ќе го гледаат ДВД-то, мислам дека таму се бараните одговори.



Неодамна го завршивте снимањето на новиот филм на Босанецот Данис Тановиќ. Во „Тријаж“ играте психијатар и повторно се работи за трилер, за мистерија, за оној жанр по кој сте препознатлив. За што, всушност, станува збор и каква беше соработката со Тановиќ?

Мислам дека Данис Тановиќ е брилијантен, тој го доби „оскарот“ за „Ничија земја“ и може пак да го добие. „Тријаж“ е медицински термин со кој се одредуваат приоритетите во поглед на лекувањето. Во филмот се делат жолти и сини ленти, најлошите случаи ги добиваат сините ленти. Јас го играм шпанскиот психијатар Жоакин Моралес, но она што е интересно на мои години, е што оваа улога имаше премногу текст. Во еден момент мојот помлад колега Колин Фарел ми рече дека очекувал оваа улога да ја игра некој кој има 26 години. Но, се снајдов во сето тоа и мислам дека тоа е одличен филм.



Во Вашата импресивна кариера со над 200 филмови имате одиграно многу различни улоги, па сепак многумина Ве препознаваат како актер од хорорите. Ви пречи ли тоа?

Да, честопати читам дека ме нарекуваат хорор-актер, што апсолутно не е точно. Сум играл во сите жанрови, во историски филмови, во авантури, во костимирани, имам многу акции, драми, комедии, па и мјузикли. Но, немам никаков проблем со филмовите кои во 1950-тите ме направија познат иако многумина мислат дека не сакам да имам ништо со остварувањата од познатото „Хамер студио“, со „Курсот на Франкенштајн“ или со „Дракула“. Напротив, јас сум му многу благодарен на „Хамер“ за тоа. Многу се забавував за време на тие снимања, имаше нешто откачено, мистично и предизвикувачко во Трансилванија, кога во маглата и во темнината наеднаш требаше да се појави застрашувачкиот лик на Дракула. Знаете, големиот актер Борис Карлоф еднаш ми рече: „Најди нешто што другите актери не можат или не сакаат да го прават и ако успееш на вистински начин да допреш до тој лик, нема никогаш да бидеш заборавен“.


Кристофер Ли со Барбара Шели во улогата на Дракула

Имате многу улоги во кои сте олицетворение на злото, ликови кои си поигруваат со темната страна на човечката природа. Кажете ни каде го наоѓавте вистинскиот предизвик за овие улоги, и која од нив беше за Вас најголемо искушение?

Улогата во „Викер мен“ од 1970-тите ја сметам за една од позначајните, тој беше морничав и опасен човек. Тука сигурно е и Скараманга, мојот негативец од филмот за Џемс Бонд „Човекот со златниот пиштол“, а и мојата улога на Рошфор во „Трите мускетари“. Распучин беше еден исклучително мистериозен лик, за кого никој не знае и денес зошто беше таков. Кога го снимавме овој филм не ни беше дозволено да ги прикажеме вистинските факти за неговата смрт, ниту да покажеме како тој умрел. Кога пред три години бевме со сопругата во Санкт Петербург една жена ни пријде и не праша дали знаеме дека Распучин бил убиен. Тој е сеуште толку голема мистерија.

И најважниот филм што некогаш сум го снимал „Мохамед Али Џина“ од 1998 година. Тој е основачот на Пакистан, чесен и обожуван човек како Ганди во Индија. Тој е таткото на нацијата, која и денес има многу проблеми и за мене тоа беше голема одговорност. Секојдневно читаме дека Ал каеда дејствува во Пакистан и многу луѓе секојдневно и се приклучуваат. Затоа мислам дека овој филм е особено значаен. Го прикажавме во Пакистан и имаше големо интересирање и поддршка.



„Дракула“, „Фу Манчу“, ликот на Скараманга, „Градот на мртвите“, „Викер мен“, „Маската на убиецот“, „Двете лица на д-р Џекил“, Луцифер, Распучин, па се' до Саруман, постојано игра со екстремите, игра со темната, морничава страна. Беше ли тешко да се поистоветите со нив?

Дракула и Саруман се според мене спиритуално поврзани, и двајцата се интелигентни, и двајцата се комплексни и необични, и двајцата поминуваат на темната страна. Има нешто чудно, не само застрашувачко, туку и тажно во сето тоа. Секогаш сум сакал да отидам понатаму, да ја разберам таа психологија, да му се приближам на тој лик од кој луѓето бегаат. Темна страна има во сите нас, само што во овие ликови таа преовладува. Понекогаш луѓето не можат поинаку, тие го прават она што мораат. Има нешто тажно во сето тоа. А освен тоа мислам дека негативните ликови се многу поинтересни од позитивните.



Имате работено со многу легендарни имиња, со голем број култни автори меѓу кои Џон Хјустон, Орсон Велс, Били Вајлдер, Спилберг и Лукас, па сепак велите дека Вашиот омилен режисер е Тим Бартон. Зошто?

Да, јас сум многу среќен човек. Сум работел со најдобрите режисери на сите времиња, тука се и Николас Реј, Анджеј Вајда, Мајкл Пауел. Но, Тим Бартон е поинаков, тој е нешто посебно. Со него работев во „Телото на невестата“, „Чарли и чоколадната фабрика“ и во „Слипи холоу“, каде што многумина и не знаат дека пеев во хорот на пет духови. Тоа беше фантастично, тој филм не фати некако посебно, бевме во неговата стапица и јас се надевам дека повторно ќе имам можност да работам со Бартон.



А кого би издвоиле од Вашите колеги?

Џони Деп, тој е извонреден актер, спорем мене од таа генерација тој е најдобриот. Но, она што има посебно место во моето сеќавање е работата на филмот „1941“ на Спилберг, но не поради него, туку поради големиот јапонски актер Тоширо Мифуне. За мене тој е еден од најголемите актери во историјата, кој играше во „Седумте самураи“, во „Рашомон“. Бевме на една јапонска подморница цел месец, каде што јас зборував само германски. Но, за мене беше извонредно искуство и чест да работам со актер од таков калибар.


Статијата е прочитана 205 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
„Локум фест“ викендов во Битола
Изведба на современиот балет „Гранд ефект“
Претставата „Варијации- Диви патки“ во Велес
Македонски филмови и видеа во Сиетл
Мелбурчани воодушевени од Симон Трпчески
Јане Чаловски со „Нацрт план“ на „Манифеста 7“
Концерт на дуо од Франција и премиера на „Дундо Марое“ на „Охридско лето“
Меѓународен перформанс „Ден од животот“ во Скопје
„Фонетика“ - нов фестивал за електронска музика