Број 2862  понеделник, 15 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter
Свет

Трка меѓу Германците и стара Европа за Русија


Москва е најскапиот град во светот каде што живеат дури сто илјади милионери кои лудуваат по скапите западни автомобили

Иако Русија сака да развива добри односи со сите европски земји, приоритет и' се Германија, Италија и Франција

Од нашиот дописник
Бранко Влаховиќ

МОСКВА - Доказ за тоа дека Русија искрено сака реално подобрување на односите со сите земји во Европа е и неодамнешната изјава на министерот Сергеј Лавров, кој на состанокот на Асоцијацијата на европскиот бизнис во Русија на 10 декември изјави дека Москва е подготвена ако треба уште утре да ги укине визите за сите земји на Европската унија. На таа изјава на Лавров немаше реакции од Запад. Всушност, визите се тест на доверба меѓу Запад и Русија, бидејќи дури и кога наскоро максимално би се поедноставил визниот режим, бројот на оние што би тргнале на патување од Русија во Европа малку би се сменил. Оние што имаат доволно пари и сега доста брзо добиваат визи на Запад, а сиромашните и така никаде не патуваат. Оправдувањата на Запад дека тие не можат да ги укинат визите за да не им се „преселат“ разни сомнителни типови и криминалци, исто така, се малку убедливи. Токму такви „истетовирани“ типови одамна им се доселија, бидејќи купија недвижен имот на Запад.

Идејата за безвизен режим не е нова, одамна ја предложи Романо Проди во времето уште додека раководеше со Европската комисија.

Интересно е дека Русија има многу подобри односи со земјите од стара Европа, посебно Германија, Италија и Франција, отколку со довчерашните сојузници. Посебно се компликувани односите меѓу Русија и Полска, а раководството во Варшава е во постојан конфликт со Кремљ и единствено повремено се менува темата за јавна расправа. Во Русија, раководството на Полска го доживуваат како американски тројански коњ во Европа, кој ги извршува добиените задачи од Вашингтон.

Русија смета дека е најважно преку бизнисот да зајакнат врските со најразвиените земји во Европа, што подоцна ќе се одрази и на сите други сфери од животот. „Нашата привлечност е во внатрешниот развој, во плановите за модернизација на економијата до 2020 година“, објаснува министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Русија им е привлечна на најразвиените европски земји од две причини: суровинските бази и огромниот пазар, кој може да купи многу финални производи и индустриска опрема. Денес Германија е најголем и најсигурен руски партнер во Европа. Германците купуваат од Русија гас и други суровини, а од друга страна, продаваат индустриска опрема и финални производи. При последната посета на Москва, италијанскиот премиер Силвио Берлускони отворено рече дека негова желба е Италија да биде главен руски стопански партнер во Европа. Покрај трите големи европски земји, се' поамбициозен руски партнер е и Шпанија. Нејзините производи ги има се' повеќе во Русија, а бројот на руските туристи на шпанскиот полуостров се зголемува.

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер не само што му е пријател на Путин туку е и моќен деловен лобист. Тој се наоѓа на чело на заедничката германско-руска компанија која треба да го изгради северниот гасовод, што со еден дел ќе поминува по дното на Балтичко Море. Интересно е дека Шредер посвои две деца во Русија, па и на тој начин се поврза со оваа земја.

Се' поцврстото деловно, но и друго поврзување на Русија со Германија не е по волја на Вашингтон, но ни на Варшава. Во време на се' подобри бизнис-врски на Русија со Германија и со Италија, Вашингтон веќе не може да врши економски притисоци врз Москва. Токму поради тоа по војната во Грузија, Америка не можеше да ги наговори своите сојузници во Европа да направат економска блокада на Русија. Русија и Америка имаат „свои сметки“ поради кои Германците не сакаат нивното стопанство да трпи. Токму Германија и Италија се најголеми потрошувачи на рускиот гас во Европа.

Во Германија, како и во другите големи земји од стара Европа, свесни се дека денешна Русија е најдобар пазар. Се што и' се продава на Русија може навреме да се наплати. Точно е дека Германците, Италијанците и другите Европејци можат да ги продаваат своите производи во Африка и во другите делови од светот, но таму постои хроничен проблем со наплатата.

Деловните Германци се' повеќе го освојуваат рускиот пазар на автомобили. Покрај тоа што ги продаваат своите познати марки, сега градат и фабрики за автомобили во Подмосковието. Исто така, имаат договор за продажба на мотори на руската фабрика за тешки автомобили „Камаз“. Тоа што Европа се' повеќе гради свои фабрики во Русија може само да ги радува домаќините, бидејќи нивните работници ќе научат да почитуваат построга технолошка и работна дисциплина.

Поради тоа што во Европската унија одлуките треба да се донесуваат едногласно, во блиска иднина би можело да дојде до спорови меѓу земјите од стара Европа, на чело со Германија, и поранешните социјалистички земји кои се во судир со Москва. Полска веќе го користеше своето право на вето за потпишувањето на стратегискиот договор меѓу ЕУ и Русија, бидејќи Москва го стопираше увозот на месо од Полска поради непочитување санитарни норми. Раководството во Русија се смири дури кога и Германците го кренаа својот глас, тврдејќи дека квалитетот на полските преработени производи не е на потребното ниво.

Рационалните Германци и се' поамбициозните Италијанци сигурно нема да дозволат нивниот бизнис да трпи штета поради расчистување стари сметки на поранешните социјалистички земји со Москва. Бизнисот има своја логика и стара Европа сигурно нема да сака штета поради тоа што поранешните социјалистички сојузници имаат намера да и' докажат сега на Москва дека имаат нов моќен брат што може да ги штити во судирите со Кремљ. Сега во време на голема економска криза ќе биде интересно да се следи големиот економски натпревар меѓу Германија и Италија, кои сакаат да ги подобрат своите економски резултати токму на големиот руски пазар.

Германците рекордери

Главен руски економски партнер во Европа е Германија. Обемот на економската размена изнесува 52 милијарди долари. Италијанците засега прилично заостануваат. Нивниот обем на размена со Русија е 36,1 милијарда долари. Деловно се' поагресивната Кина има обем на трговија со Русија од 40,3 милијарди долари. Од сите земји, Америка има дури петпати помала трговија со Русија. Интересно е дека малата Холандија е еден од најдобрите руски партнери во Европа.

Економските аналитичари тврдат дека наредните години обемот на трговска размена со Русија рапидно ќе расте, но, што е уште поважно, многу западни земји ќе ги зголемат инвестициите и нивните компании ќе направат големи фабрики во некои од руските губернии. На тој начин цените ��е бидат попристапни, бидејќи нема да се плаќа царина.


Статијата е прочитана 922 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Свет
Монако нема да ја проширува територијата поради кризата
Милион луѓе без струја среде ледена бура во САД
Протестите во Грција се претвораат во општонародно незадоволство
Какво потекло имаат Шпанците?
Буш во проштална посета на Ирак
Полските имигранти открија дека дома се живее подобро
Најмалку 51 загинат во Египет откако автобус падна во канал
Браун ги обвини пакистанските милитанти за Мумбаи
Раул Кастро во прва посета во странство
Благоевиќ можеби ќе се повлече денес?
Иранците навредени од Кушнер
Формирана руска „Солидарност“