Милион луѓе без струја среде ледена бура во САД
ЊУ ХЕМПШИР - Околу еден милион луѓе останаа без електрична енергија во североисточниот дел на САД по едно од најголемите снежни невремиња за една деценија, што ја парализира електричната мрежа. Вонредна состојба е прогласена во Масачусетс, Њу Хемпшир и делови од Мејн и државата Њујорк. Официјални лица јавија дека штетата е огромна и би биле потребни неколку дена за да се обнови електричната енергија.
Се смета дека најмалку четири лица досега настрадале како последица на невремето. Телото на еден надзорник на јавни работи беше извлечено од резервоар во Марлбороу, Масачусетс, во саботата, еден ден откако тој одговорил на повик за паднати гранки од невремето. Во меѓувреме, едно лице во Денвил, Њу Хемпшир почина од труење со јаглероден моноксид предизвикано од генераторот што го користел за да ја затопли својата приколка. Една двојка почина во Гленвил, Њујорк, од генератор што испуштил гас во нивната куќа. (Би-Би-Си) |