Полските имигранти во Велика Британија открија дека дома се живее подобро
По 4,5 години работење во Лондон и во другите британски градови, полските гурбетчии почнаа да се враќаат дома
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Околу четири илјади полски имигранти во Лондон живеат без покрив над глава, соопшти една британска хуманитарна организација, откривајќи дека овие луѓе ноќта ја минуваат на улица, спиејќи на тротоарите, а се хранат бесплатно од помошта што им ја дава таа. Претставник на организацијата изјави дека тие настојуваат на имигрантите да им делат секој ден топла храна и ќебиња за да може да ги пребродат овие зимски месеци што годинава се невообичаено студени за овдешните временски прилики.
Сите имигранти, бездомници се без работа и без пари за нивните дневни елементарни потреби, погодени, како што велат, од економската криза во која се најде Британија, од крахот на пазарот на недвижен имот, станови и куќи и од големиот пад на градежната индустрија. Повеќето од нив признаваат дека сакаат да се вратат во Полска. Голем дел од нив, меѓутоа, немаат пари за да го платат патот до дома, додека само помал број велат дека, и покрај мачниот живот на кој се изложени сега, сепак, се решени да не се предадат и да се обидат уште еднаш да си ја пробаат среќата во Британија.
Тажната сторија за „изгубените илузии“ на овие луѓе, за брзото и лесно стекнување пари и за бурниот и безгрижен живот во богатата Британија, во секој случај, претставува нов момент со имигрантите од Полска, откако оваа земја влезе во Европската унија. Веднаш потоа уследи „големото бегство“ на Полјаците и нивното преселување во Лондон, пред се', но и во градовите на внатрешноста на земјата, која во почетокот ги примаше со одобрување. По малку повеќе од 4,5 години од тогаш, полските имигранти тргнуваат во обратната насока, па од англиските градови, од шкотските и велшките населби, од ирскиот остров, тие се враќаат назад во своите градови и села.
Тој повратен процес не е така брз и интензивен каков што беше оној кога, бегајќи од Полска, се бараше место во Британија, но меѓу се' поголемиот број повратници не се само оние бездомници кои за да преживеат се хранат во народните кујни или кај Армијата на спасот, туку и луѓе кои овде имаат работа и пари за живеење. Сите нив ги носи назад сознанието што, како што и самите признаваат, го стекнале за време на живеењето во Британија, за тоа дека во Полска се живее подобро, помирно и поевтино.
На автобуската станица Викторија, од каде што доаѓаат и си одат автобусите кон Варшава, Краков, Познањ или Катовице, нема веќе турканици од Полјаци кои седнати на куферите или патните торби чекаат да се сместат некаде. Автобусите, кои се најевтиниот превоз меѓу двете земји и понатаму носат луѓе од Полска, но за разлика од порано сега не се враќаат празни. Колку луѓе се вратиле и колку од оние што се во Британија се враќаат дома, впечаток е дека никој точно не знае, како што се' уште не е позната докрај бројката на оние кои во големиот бран се населуваа на британските острови.
Кога тргнуваа кон Лондон, британската влада очекуваше дека нивната бројка нема да биде поголема од 20-30 илјади луѓе годишно, од сите нови членки на ЕУ. Даунинг стрит 10 остана вчудовиден кога се разбра дека толку дојдоа само од Полска, во првите два-три месеци. Стануваше збор за преселба, каква што во Британија не е забележана од времето по Втората светска војна и населувањето на луѓето од земјите на Комонвелтот, додека циниците зборуваа дека Полјаците „го освојуваат великобританскиот остров побрзо од Норманите и Викинзите“. Шокот за британската јавност дојде кога полскиот амбасадор во Лондон, во едно интервју призна дека „можеби еден милион Полјаци“ се преселиле од својата земја во Британија.
Најголемиот број од нив беа нискоквалификувана работна сила кои побрзаа да работат како водоводџии, ѕидари и плочкари, прифаќајќи секаква работа, во секое време и за многу помалку пари од цената што ја бараа тие кои беа во занаетчискиот бизнис пред нив. Полскиот мајстор стана набргу симбол за брза и евтина работна рака, што им недостигаше на Британците кои со задоволство ја прифатија новата ситуација, иако меѓу дојденците имаше и образовани луѓе кои почесто стануваа занаетчии и градежници, отколку што се вклучуваа во она за што се остручени.
Во Лондон живеат без покрив над глава, ноќта ја минуваат на улица спиејќи на тротоарите, а се хранат бесплатно од хуманитарна помош
Многу Полјаци дојдоа со своите семејства и со дел од имотот, не криејќи дека сакаат овде трајно да се населат, но најголемиот дел од дојденците беа самци и млади кои прифатија да работат како продавачи, чувари на деца и стари луѓе, бармени и келнери, работници по фарми и во фабриките. Според признанието на британските бизнисмени, имигрантите од Полска, пополнија голема празнина на домашниот пазар на работна сила, па сите, освен владата, беа задоволни - Полјаците зашто конечно работеа и живееја на Западот, а Британците затоа што најпосле имаа евтина, а сепак квалитетна занаетчиска услуга.
„Тоа повеќе го нема, исчезна сосема“, вели Војтек, по потекло од град на полското крајбрежје, објаснувајќи дека ниту Полјаците веќе немаат илузии во лесниот за живеење и полн со богатство Запад, ниту Британците имаат потреба за Полјаците и нивниот труд. Сите сектори во кои работевме се во криза. Нема работа, надниците се помали, животот е поскап и условите за живеење се многу посложени, од времето кога доаѓавме“, раскажува Војтек.
Тој е тука три години и толку време работи како таксист, возејќи само ноќе, по 12 часови, затоа што така се заработува многу повеќе. Вели дека за две недели си оди од Лондон и од Британија и се враќа во Полска. „Доста беше, видов како е на Запад. Лондон е луд град, но од тоа барем јас немам ништо, затоа што мора да се работи многу за да може да се живее, а кога би сакал да се забавувам, немам ниту време, ниту толку пари“, го продолжува тој својот разговор со мене, додека настојува, користејќи го навигаторот во возилото, да ме одведе до дома.
Открива дека добил некаква голема куќа во наследство и сега сака од неа да прави мал хотел, за да се занимава со туризам. Може поради тој нов бизнис да дојде пак во Лондон, но тоа, како што вели, овој пат ќе биде само деловно, зашто во Полска сега е многу подобро за живеење. Има повеќе работа, отворени се повеќе нови работни места, а и платите се значително зголемени. Од него разбирам дека лекар, на пример, може да заработи и до 2,5 илјади евра. Тој смета дека Полска е стабилизирана многу по влегувањето во НАТО и ЕУ многу изменета кога станува збор за редот и законот. Луѓето се чувствуваат побезбедни, поспокојни од пор��но, се' повеќе странски туристи доаѓаат по полските градови, а земјата гради станови за странци кои сакаат да се населат таму. Она што ме натера да се вратам дома е што работите таму се изменети на подобро од времето кога дојдов овде, а кога е така нема веќе зошто да останувам во Британија, вели на разделбата Војтек.
Кристоф, родум од едно мало место во внатрешноста на Полска, е ѕидар, а овде, како што вели, работи се' што ќе му се каже и што ќе се побара од него. Дојден е со првиот бран, работи многу, признава дека заработил нешто, па дека си купил и голем автомобил, но открива дека и тој се враќа во Полска. Дошол затоа што најпосле имал пасош кој му овозможувал слободно да патува по Европа и светот. Ја одбрал Британија затоа што веќе имал поминато курс по англиски, а имало и некои негови познати овде, кои го убедиле дека во Британија и на Запад е „неспоредливо поубаво“.
„Не жалам за тоа, зашто од секогаш мечтаев да дојдам на другата страна и да видам колку им е убаво на тие што живеат“таму, вели Кристоф, па испивајќи го пивото, додека прави мала пауза во работата, низ насмевка додава: „Видов и сега знам дека на Западот не е се' розово“.
Раскажува дека кога дошол овде, во Полска имало голема невработеност, но дека сега работите таму се подобри, па тој како ѕидар сам, или за некоја полска компанија може да заработува дома и до 700 евра месечно. Тоа е помалку отколку во Британија, каде што вели зема по 1.500 фунти, но сметките покажуваат дека дома, во Полска се' е поевтино. Овде плаќам за стан 800 евра, таму ќе плаќам 200. Во Полска ќе останува нешто и за настрана, во Британија се' што ќе заработам оди за кирија, за храна, објаснува овој човек, убедувајќи ме дека за да се штеди треба да работи по 15 и повеќе часови и да живее во мизерни услови. Едно време можел да праќа малку пари на мајка му во Полска, но со падот на вредноста на фунтата трудот уште повеќе е обезвреден, а испратените пари и кога би можело да се заработат, би биле помалку од порано.
„Нема споредба меѓу моето место во Полска и Лондон, но овде е веќе толку сурово за живеење, што сјајот на овој град и не го забележувам, особено сега кога кризата зема замав и кога се' повеќе луѓето остануваат без работа“, тврди ѕидарот Кристоф. |