Без ракавици
И жабата сакала да ја потковаат
Јосиф Ќурчиев
Изјавата на Меркел дека по Хрватска проширувањето на ЕУ има потреба од пауза, стана дел од програмата на нејзината Демохристијанска партија за изборите за европарламентот
Фала му на Господа, од полноќ ќе настапи тишина. Мегафоните на „седумтемина величествени“ ќе стивнат, тие ќе се повлечат во нивните штабови. Пиејќи кафе ќе резимираат што направиле и трескавично ќе ги чекаат доцните часови в недела кога ќе се појават првите прогнози за тоа кој до каде стигнал. Кои двајца ќе бидат Јул Бринер и Стив Меквин што „ќе одјаваат натаму“ – во вториот круг? Моја намера воопшто не е да го трошам вниманието на читателската публика за тема што толку обилно ја обработуваа моите колеги. За волја на вистината, ниту своето.
Но, поради насоченоста на јавноста кон изборните манифестации, некои нешта од меѓународната сцена од исклучителна важност и за земјава, останаа незабележани. На пример, по изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел дека по Хрватска, натамошното ширење на Европската унија има потреба од пауза за да ги консолидира своите институции, тоа стана и дел од официјалната програма на нејзината Демохристијанска партија за изборите на германските пратеници во Европскиот парламент оваа пролет. Многу е веројатно овој став да остане и дел од надворешнополитичката платформа на оваа партија за парламентарните избори во Германија во септември.
Многумина изјавата ја толкуваа како лична потреба на Меркел од ублажување на стравувањата на граѓаните во „старата Европа“, и посебно на германските, кои се соочуваат со разурнувачките последици на економската криза. Откако тој став се официјализира - веќе не е така. Европските и германските ��оментатори укажуваат дека ваквата платформа, пред се', е насочена кон Турција и дека индиректно таа го поддржува ставот на нејзиниот француски „шармер“ Никола Саркози, кој за истата тема одамна најави одржување референдум – ако до тоа дојде додека е тој актуелен. Други велат дека по долгото молчење, таа си најде тема да ја поврати разнишаната доверба во својата партија, особено поради неизјаснувањето како да се спасува гигантот „Опел“ со 25 илјади вработени, кој е дел на потресениот американски концерн „Џенерал моторс“. Идеолошки, „црните“ се против интервенција на државата во приватниот бизнис, но, велат аналитичарите, ако се вмеша во спасувањето на некои банки, зошто не и во лекувањето други пациенти. Особено што партиските колеги на Меркел од најблиското опкружување – двајца од нив се покраински премиери и постојани ривали на канцеларката: Роланд Кох во Хесен и Јирген Ритгерс во Северна Рајна Вестфалија – се залагаат за интервенција на државата: фабриките на „Опел“ се наоѓаат во нивните покраини, како и нивните фотелји. Оние 25 илјади што би се нашле на улица се особено „опасен материјал“. Нема да навлегувам во деталите на планот за спасување што го нуди фирмата заедно со премиерите за одвојување на „Опел“ од „Џенерал моторс“, но политичкиот ризик од неинтервенцијата веќе предизвикува штети. Рејтингот на демохристијаните – ах, тој проклет рејтинг! – драстично падна, додека оној на противникот во сегашната голема коалиција, социјалдемократите, по подолго време, порасна до 27 проценти и опасно се приближи до довчерашните фаворити за изборите наесен кои сега се на 32 процента. И, што ќе се случи ако 25 илјади „опеловци“ се појават на демонстрации пред Бранденбуршката порта? Тоа е и дилемата на Меркел. Сака нејзините „мускули за седење“ да останат во канцеларската фотелја најмалку уште еден мандат, но и да ја потврди идеологијата на нејзината партија, а истовремено стравува од социјални немири. Зашто, на вработените во „Опел“ во таков случај ќе им се приклучат илјадници други кои се на списокот невработени. Змија, магаре или фотелја?
Истовремено, Барак Обама, пред самитот на 20 најразвиени и најголеми економии во светот во Лондон на 2 април, упорно притиска најбогатите земји од Унијата, особено Германија, да брцнат подлабоко во државните каси за да се ублажат последиците од кризата, односно за нејзино побрзо надминување. План со кој Меркел и Саркози не се согласни, но не го одбиваат „новите Европејци“ кои се надеваат на таков начин да избегнат банкрот, иако и некои „стари“ не се далеку од тоа. Меркел и Саркози неодамна, како што известија медиумите, се согласија дека „решението на светската финансиска и економска криза не е во тоа да се даваат уште повеќе пари“. „Овој спор, тврди неделникот ’Шпигел‘, не им се заканува само на американско – германските односи туку да го засени и самитот во Лондон“. Неделникот уште пренесува изјава на неименуван советник на Меркел дека „Американците вршат енормен притисок“.
Во сето ова, се разбира, голема улога игра уште еден фактор кој воопшто не е рационален, но спаѓа во човечката природа – кај политичарите исклучително нагласен – и се нарекува суета. Обама во Германија ужива исклучителна популарност, па министерот за економија Карл Теодор цу Гутенберг најде за потребно да предупреди дека „во него не треба да се гледа месија“! Меркел не се изјаснила никако, што е дел од нејзиниот стил на воздржаност и политичка култура, но сигурно не и' се пријатни споредби. А, изборната битка практично е започната. Познат е и директниот противник од социјалдемократите: сегашниот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмајер. Тој, тврдат коментаторите, е во покомотна позиција од Меркел. Тоа му го обезбедува идеологијата на неговата партија, која јасно се залага за интервенција на државата во случаи како актуелниот на „Опел“, што впрочем го направи претходникот на канцеларката, Герхард Шредер за градежниот концерн „Филип Холцман“, за што пак демохристијаните и денес му префрлуваат со образложение дека државата не смее да биде фирма. Штајнмајер беше во посета на „Опел“ и пред вработените ги остави „отворени“ сите опции, па и таа дека државата не смее пасивно да гледа.
Но, зошто во почетокот сметав дека станува збор за значајни меѓународни теми и за нашата земја? Многу е јасно: нашите „седуммина величествени“ не' бомбардираа со изјави дека ќе ја внесат земјата во НАТО и ќе обезбедат датум за почеток на преговори со Европската унија. Ако се имаат предвид тежината на Германија во ЕУ, како и ставот на сегашниот француски претседател Саркози за натамошното проширување на Унијата, кое би го дал на референдум, дури и за Македонија, тогаш сосем е јасно дека сега нема место за оптимизам. Но, пред се', не поради состојбата во која се наоѓа Македонија на повеќе подрачја. Особено на економски, но и на планот на степенот на демократијата кој воопшто не е на завидно ниво за што – без оглед колку ќе се негира – показател се и овие избори. Дали би сакале таква држава во своето друштво? И, второ, разорното дејство на финансиската и економската криза. Ако се слушаат ветувањата, почнувајќи од осумте милијарди кои во сегашнава ситуација се многу пари и за џиновите, како и оние на кандидатите за градоначалници чие остварување е апсолутно нереално, тогаш треба да се постави прашањето дали некој, во амбицијата да се стигне „на врвот“, воопшто следи што се случува во светот? Се поставува прашањето каква е зрелоста на тие луѓе или го сметаат народот за глупав. А, што ако не е?
(Авторот е новинар) |