Породилниот надомест за невработените мајки под прашалник
Дали ќе продолжи исплатата, треба да се изјасни Владата
Маја Томиќ Јасмина Јовановска
Владините парични стимулации за второ, трето и повеќе деца, засега, остануваат да се применуваат, иако е неизвесно до кога практично ќе трае таа кампања. Неизвесно е и дали ќе продолжи исплата на паричниот надомест за невработените мајки поради тоа што ќе бидат потребни повеќе пари. За ова треба да се изјасни Владата.
Она што пред два дена го укина Уставниот суд, всушност, беше одредба од Законот за здравствено осигурување. Според неа, право на паричен надомест имаат само мајките кои ќе родат дете во општините со природен прираст на населението помал од 2,1 отсто. Оваа одредба од член 24-а е воведена во Законот во 2008 година, а Уставниот суд го укина делот - ако живеат во општини со низок наталитет. Според судот, останува правото на невработената мајка за добивање посебен паричен надомест, без разлика во која општина живее таа, што значи дека одредбата ќе важи за цела територија на Македонија.
На тој начин Уставниот суд ја укина дискриминацијата меѓу невработените мајки кои живеат во поразвиени општини, со оние со понизок развој. Во иднина, и невработените мајки од поразвиените општини ќе имаат право да поднесат барање за деветмесечна парична помош за бебе, што претходно не им била дозволена. Инаку, станува збор за паричен надомест кој се исплатува 9 месеци, а доколку мајката роди повеќе деца одеднаш, периодот се зголемува до една година. Висината на надоместот е 30 отсто од просечно исплатената нето-плата во земјата. Или, околу 5.500 денари, ако се земе дека последната просечна плата, објавена од Државниот завод за статистика, е малку под 17.000.
Според Фондот за здравствено осигурување, од почетокот на годинава досега, до Фондот се поднесени околу десетина барања за оваа исплата, а колку од нив се исплатени, немаа официјален податок. Директорот на Фондот, Ѓорѓи Тренковски, вели дека се' што е во согласност со законската регулатива, се' е исплатено. Тој не сакаше да се изјасни дали оваа владина мерка за стимулација на наталитетот треба да продолжи и понатаму и да важи за сите невработени мајки. Во Фондот велат дека Владата е таа што треба да се изјасни дали ќе се продолжи со оваа стимулативна мерка поради финансиските импликации. Не е исто да се исплаќа паричен надомест за една осмина општини и за сите општини, затоа што се потребни многу повеќе пари. Инаку, кога се изготвувала оваа законска измена, правни експерти сугерирале дека не може паричен надомест за невработени мајки да се исплаќа преку Фондот, затоа што тие добиваат сини картони преку Агенцијата за вработување. И покрај тоа, Владата ја донела мерката.
Може да се очекува дека наскоро ќе падне на Уставен суд и владината мерка за пораст на бројот на новородени деца, вградена во Законот за заштита на деца. Таа се однесува за додаток за второ, трето и четврто дете на мајки кои живеат во општини со природен прираст помал од 2,1 отсто. И повторно, поради дискриминаторската положба во која се ставаат другите мајки од развиените општини. Веќе е поднесена иницијатива за преиспитување на нејзината уставност. Кога ќе се разгледува таа, од Уставниот суд не сакаат да се изјаснат. Иницијативата е поднесена од граѓанин од Гостивар, три пратенички и од граѓанско здружение. Инаку, според статистичките податоци, 60 отсто од општините имаат природен прираст помал од 2,1 отсто. Со цел да се запрат тие негативни трендови, Владата воведе стимулативни мерки преку финансиска помош, родителски додаток за второ, трето и четврто дете. Помошта се исплатува преку Министерството за труд и социјална заштита од 1 јануари 2009 и тоа: за второ дете по 5.000 денари, во траење од 9 месеци, за трето дете 8.250 денари, со траење од 10 години и 11.550 денари со траење од 15 години за четврто дете. Ако мајката, додека остварува права од третото дете, роди четврто, тогаш месечниот додаток ќе изнесува 16.500 денари. Ова право можат да го остварат мајки и татковци кои најмалку три години живеат во општина со стапка на прираст под 2,1 отсто.
Оваа кампања, уште наречена „Трето дете“, според Министерството за труд и социјална политика даде резултати и за 6 отсто е зголемен наталитетот во земјава во изминатите месеци. Од 1 јануари досега, до МТСП се поднесени 450 барања за родителски додаток. Најмногу има од Битола, Штип, Прилеп, но и од Ресен, Виница, Брод, општини кои се со слаб наталитет и беа речиси во изумирање. |