Стечајот ќе ги банкротира млекарите
Банките први ќе земат пари од стечајната маса на „Сведмилк“, за фармерите не се знае
Александрија Стевковска
„Сведмилк“ ќе оди во стечај доколку судот го прифати како издржано и оправдано барањето на АД „Земјоделско сточарски комбинат“ од Струмица, како еден од доверителите на млекарницата, за поведување стечајна постапка.
Од „Сведмилк“ не веруваат дека компанијата ќе оди во стечај и се надеваат дека судот нема да го прифати барањето како издржано, со оглед на тоа дека е сложена постапката за докажување должничко-доверителските односи.
Но, доколку компанијата, сепак, отиде во стечај, тоа за фармерите може да значи збогување со парите кои им ги должи млекарницата, бидејќи ако се донесе одлука фирмата да се ликвидира, први побарувањата ќе си ги наплатат банките.
„По отворањето на стечајната постапка, доколку се реши да се оди на ликвидација на фирмата, се продава целиот имот и се формира стечајна маса, која потоа се распределува меѓу сите доверители сразмерно со уделот во побарувањата. Тој што има поголемо побарување, ќе земе и поголем дел од колачот на стечајната маса. Доколку банките имаат обезбедено побарувања покриени со хипотеки и ако нивните побарувања ја надминуваат вредноста на самата фабрика, тогаш ќе бидат покриени само тие. Фармерите, најверојатно, ќе останат без пари“, велат експертите за стечај.
Веста за можен стечај на млекарницата веднаш предизвика паника во Битола.
„Фармерите ќе бидат чисти губитници доколку шведската млекарницата падне под стечај“, се стравувањата на битолските кооперанти по веста дека еден од најголемите доверители на млекарницата дал предлог за поведување стечај во „Сведмилк“. Претседателот на Штрајкувачкиот одбор на пелагониските фармери, Стевче Пивковски, се сомнева дека зад ваквиот предлог на ст��умичкиот комбинат стои сопственикот на телевизијата А1.
„Не знам како поинаку да ја протолкувам ваквата вест, освен тоа дека Велија Рамковски е ставен на сцена. Да не зборуваме напамет, но со време ќе видиме дека тоа е вистината. Ако фабриката падне во стечај, фармерите ќе останат без денар во џебот. Се плашам дека ќе го направат активен стечај и само мал дел ќе земат пари“, очаен реагираше Пивковски.
Тој вели дека на голем дел од фармерите и натаму не им е исплатено, особено оние кои се со регистрирани фирми. Сепак, потврдува дека исплатата на кооперантите започнала во вторникот и се' уште трае. „Поголемиот дел од кооперантите не се исплатени, а во тој куп се и дваесетина регистрирани фирми. Се' уште немам земено ниту денар. Ми должат над 2,5 милиони денари, сума за предаденото млеко до февруари годинава“, потврди тој.
За Пивковски нереални се изјавите и најавите на дел од фармерите дека млекото, наместо во шведската млекарница, наскоро ќе почнат да го предаваат во прилепската млечна индустрија, за што биле согласни над 80 проценти од кооперантите. Според него, млекарницата во Прилеп не работи за да може да откупува.
„Млекарницата во Прилеп не може да проработи уште најмалку две недели, а не да почне да откупува млеко. Таму нема организирано ниту превоз, ниту работници, буквално нема ништо“, изјави Пивковски.
И додека фармерите се во очај, сопственикот на комбинатот АД „Земјоделско сточарски комбинат“ од Струмица, Горан Митров, изјави дека поднел барање за стечај поради несериозното и неодговорното однесување на новите сопственици на млекарницата, кои не го исполниле единствениот услов - исплата на долгот спрема фармерите за млекарницата да продолжи со работа. Млекарницата му должи на Митров 530.000 евра.
„Поради овој долг е доведен во прашање опстанокот на комбинатот, кој располага со сточен фонд од 1.100 грла говеда, бидејќи поради неплатениот долг, неизвесна е и набавката на добиточна храна“, вели Митров. Недостигот од средства ги доведува во прашање најголемите досега почнати инвестициони зафати во комбинатот, во кој биле вклучени домашни и странски консултантски куќи, а поддржан од домашните банки.
(Во изработката на текстот учествуваа дописниците од Битола и од Струмица) |