Металург не оди за Германија
Клубот побара од ЕХФ да го одложи денешниот реванш со Букстехуде поради авиохаосот во Европа
Роберт Димитриевски
Возвратниот натпревар од полуфиналето на женскиот ракометен Челинџ куп меѓу Букстехуде и Металург, закажан за вечерва од 19,30 ч. на теренот на германскиот претставник, извесно е дека ќе биде одложен за дополнителен термин. Причината е во неможноста на гостинките од Македонија да стигнат навреме поради хаосот низ аеродромите во северниот дел на Европа предизвикан од ерупцијата на вулканот Ејафјалајокул на Исланд. Облаците од вулкански прав и пепел, како потенцијална опасност за моторите на авионите, откажаа околу 17.000 летови минатите два дена, меѓу кои и тој од Будимпешта до Хамбург, со кој ракометарките на Металург требаше да стигнат до местото на реваншот.
Од Европската ракометна федерација, пак, завчера барале македонската експедиција од Будимпешта да продолжи со автобус до Букстехуде, но со откажувањето на летот за Хамбург и таа опција отпадна уште во старт. Вчера беа откажани летовите од аеродромот „Александар Велики“ за Будимпешта, за Брисел и за Прага, но од Букстехуде се надеваат дека Македонките ќе пристигнат денеска со автобус или со воз и оти мечот ќе биде поместен за утре.
„Ја известивме ЕХФ за ситуацијата и побаравме одложување на реваншот со Букстехуде поради тоа што најмалку 48 часа ќе бидат неможни летовите до Хамбург. Во прилог им го доставивме известувањето од авиокомпанијата ’Малев‘, со која требаше да летаме, а која не' информира дека за Хамбург преку Будимпешта ќе може да се замине најрано в понеделник“, објаснува Филип Христов, координатор на женскиот и на машкиот ракометен клуб Металург. „ЕХФ нема друг избор освен да го одложи натпреварот, бидејќи од истите причини неизвесно е одржувањето на околу 200 меча викендов, како на клупско, така и на репрезентативно ниво“.
Со овој проблем се соочија и судиите Черсти Арнстен и Ида Сесилија Гулаксен од Норвешка. Место со авион од Осло, тие го известиле Букстехуде дека ќе патуваат утрово со ферибот до Кил и на истиот начин планираат да се вратат дома в недела попладне.
ЕХФ веќе ја одложи втората средба од полуфиналето во Челинџ купот меѓу Вистал Лачпол и Гепинген, но од други причини. Дуелот меѓу екипите од Полска и од Германија исто така требаше да се одигра вечерва во Гдањск е презакажан за 2 мај поради трагичната смрт на полскиот претседател Чех Качињски во неодамнешната авионска несреќа во Русија.
Иако нема да бидат познати финалистите, во вторник ќе се одржи ждрепка за тоа кој од нив ќе би��е домаќин на првата, а кој на втората средба. Термините се 8 и 15 мај.
ЈУНИОРИТЕ СО АВТОБУС ОД ДАНСКА
Активирањето на исландскиот вулкан ги приземји и членовите на машката јуниорска репрезентација на Македонија, но на аеродромот во Копенхаген како попатна станица до Рејкјавик, каде што викендов требаше да настапат на квалификацискиот турнир за Европското првенство во Словачка. Тие без проблем стигнаа до данската престолнина, но не можеа да продолжат за Исланд, па преспаа во хотел во Копенхаген додека од Ракометната федерација на Македонија правеа напори да им помогнат. Вчера, конечно, падна одлука со автобус да се вратат во Македонија.
Избраниците на селекторот Зоран Петковски вчера попладне требаше да стартуваат против Србија, за денеска беше предвиден дуелот со домаќинот Исланд, а утре противник требаше да им биде Црна Гора. Двете најдобри селекции од групата ќе обезбедат учество на ЕП што ќе се одржи од 29 јули до 8 август.
РЕМИ НА СЕНИОРИТЕ ВО ТУНИС
Машката ракометна репрезентација на Македонија одигра нерешено 27:27 со домаќинот Тунис во првиот од трите договорени контролни натпревари, кој се одигра во Сфакс. Тунижаните го добиле првото полувреме со 15:8.
Избраниците на селекторот Љубомир Савевски синоќа требаше да гостуваат во Монастир, а попладнево е последниот тест-меч во Темим.
МЕТАЛУРГ ГО УТНА ВАРДАР ВО КУПОТ
Бранителот на трофејот Металург го избегна големиот ривал Вардар про во полуфиналето на 18. Куп на Македонија. Вчерашната ждрепка сакаше „металурзите“ да играат со Винарска визба Тиквеш, а црвено-црните со Пелистер, така што до нов дуел меѓу лидерот во првенството и се' уште актуелниот првак би можело да дојде само во финалето.
Финалниот турнир на Купот ќе се одигра на 8 и 9 мај најверојатно во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
ЛАЗАРОВ СО БАЛИЌ ВО КАТАР
Кирил Лазаров и Ивано Балиќ можеби не можат да функционираат заедно во Кроација осигурање Загреб, како што тврди главниот менаџер Зоран Гобац, но по се' изгледа нема да има проблем да заиграат заедно за Ал Сад од Катар. Директорот на загрепчани Бартол Калеб потврди дека двајцата најдобри ракометари во екипата најверојатно ќе бидат зајмени на две недели, од 8 до 22 мај, за претстојниот „Супер глоуб“, неофицијално клупско светско првенство во организација на ИХФ што ќе се одржи од 17 до 21 мај во Катар. За ова натпреварување од кроација осигурање добија покана и Тончи Валчиќ и Денис Шпољариќ, кои ги побара на заем Ал Сад, но од Либан.
На годинашниот „Супер глоуб“ ќе учествуваат бранителот на трофејот и актуелен еверопски шампион Сиудад Реал, кој ќе игра во групата А заедно со Замалек од Египет и со Унопар од Бразил. Во групата Б се Ал Сад од Катар, Ал Сад од Либан и Саудерн старс од Австралија. |