Ливерпул и официјално на продажба, се бара купец
Сопствениците на Ливерпул, американските бизнисмени Том Хикс и Џорџ Џилет, потврдија дека ќе почне потрагата по потенцијалните купувачи.
Како што е објавено на сајтот на клубот, процесот на барање на купецот ќе го надгледува шефот на компанијата „Бритиш ервејз“ Мартин Бротон.
Хикс и Џилет мнозинскиот пакет акции во Ливерпул го купија во 2007 година, а клубот денес долгува 237 милиони фунти (270 милиони евра).
„Сопствеништвото над Ливерпул во изминатите три години за нас и за нашите семејства беше вредно и возбудливо искуство. Му помогнавме на клубот да стане уште поголем, а сега заеднички одлучивме да бараме други сопственици, кои ќе го одведат клубот на наредното ниво“, соопштија Хикс и Џилет.
До крајот на сезоната во Премиер останаа уште четири кола, а Ливерпул е на шестото место со 56 бода, шест помалку од четвртопласираниот Манчестер сити. |