Сергеј Бубка на 16 мај во Охрид
Бившиот светски рекордер во скок со стап промотор на отворањето на атлетската патека на стадионот „Билјанини извори“
Миодраг Мицковиќ
Поранешниот светски рекордер во скок со стап и еден од најдобрите атлетичари на светот на сите времиња, Сергеј Бубка ќе биде гостин на Атлетската федерација на Македонија на свеченото отворање на новата атлетска патека на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид на 16 мај. Тој ќе биде промотор на првата атлетска патека во Македонија, изградена по сите стандарди на Светската атлетска федерација, која ќе има осум патеки, со сите други придружни објекти. За првпат во Македонија една атлетска патека ќе има осум патеки. Во Македонија во моментот има само две атлетски патеки, на стадионот „Филип Втори“ и на Градскиот стадион во Велес со шест патеки, како и досега во Охрид, но досега руинирани, на кои тешко можат да се постигнуваат добри резултати и рекорди.
Според проектот, во Македонија италијанската фирма „Мондо“ требаше да изгради две атлетски патеки, на Арената „Филип Втори“ и на „Билјанини извори“, но поради реконструкцијата на нашиот најголем фудбалски стадион, беше донесена одлука патеката да биде изградена, на охридскиот стадион. За неполна година, таа е поставена, а деновиве, работниците на фирмата „Мондо“ ги завршија и последните подготовки за нејзиното отворање, обележани се осумте патеки, подготвени се и сите други придружни објекти за атлетските натпревари на стадионот „Билјанини извори“. Тоа се однесува за натпреварите во скок во далечина и трискок потоа две залетишта за фрлање копје и скок во височина, поставени се постаментите за скок со стап и водена пречка за трките во стипл-чез. Со еден збор атлетската патека во Охрид е направена по сите стандарди на Светската атлетска федерација на кои, засега можат да се организираат и поголеми меѓународни натпревари. Веќе е во план идната година Македонија да конкурира за организација на Балканските игри, на патеката во Охрид можат да се организираат и европските клупски натпревари. Кога ќе биде поставен голем семафор, модерен фото финиш и уште некои други придружни објекти, уште една атлетска патека тогаш ќе може да се конкурира и за поголеми европски натпревари.
Инаку, на стадионот „Билјанини извори“ има рефлектори за ноќни натпревари, трибини за околу две илјади гледачи. Потребно е малку да се обноват и реновираат соблекувалните за учесниците, санитарни јазли за да стадионот „Билјанини извори“ биде репрезентативен спортски објект во Македонија.
Инаку, атлетската патека во Охрид чинеше околу 500.000 евра. Средствата ги има обезбедено Европскиот олимписки комитет, Светската атлетска федерација, дел и фирмата „Мондо“. Агенцијата за млади и спорт обезбеди средства за подготвителни работи околу поставувањето на патеката, на старата подлога. Патеката е направена од тартан со гумена подлога, како и на другите големи стадиони во Европа.
На стадионот единствено недостасува мрежа за натпреварите во фрлање диск и кладиво.
Пред свеченото отворање на 16 мај на 24 април во Охрид ќе се одржи државното првенство што ќе биде и генерална проба за новите осум атлетски патеки.
За 16 мај е предвидено да се одржи настап на најдобрите атлетичари на Македонија во седум машки и женски дисциплини, додека за 19 мај е предвидено да се организира меѓународен митинг на кој би учествувале атлетичари од околните држави: Србија, Романија, Бугарија, Турција, Црна Гора...Веднаш по престојот во Охрид, каде на 16 мај ќе присуствуваат по покана на Атлетската федерација на Македонија и сите претседатели на балканските држави, Сергеј Бубка ќе замине за Рио де Жанеиро каде на 19 мај е состанокот на Светската атлетска федерација посветена на претстојните Олимписките игри во Лондон. Да напоменеме дека Сергеј Бубка е нејзин претседател. |