Тежок удар за македонскиот фудбал
Суспензијата за Победа го дотолчи угледот на фудбалот
Наум Котевски
Во градот под Марковите кули трпеливо чекаа и чекаа, но не дочекаа добри вести од Лозана. Трибуналот за спортска арбитража ја потврди одлуката на европската куќа на фудбалот (УЕФА), според која, двократниот македонски првак Победа, поради местење на натпреварот од квалификациите за Лигата на шампиони со ерменскиот Пјуник, одигран на Градскиот стадион во сезоната 2004/2005, е исклучен од сите европски натпреварувања во наредните осум години.
Претседателот, познатиот фудбалски работник, Александар Забрчанец, е доживотно исфрлен од фудбалот, а ексиграчот Николче Здравески (капитен на тој натпревар) е помилуван, поради недостиг од докази за вмешаност во скандалот.
Тоа е единствената разлика од првичната пресуда на УЕФА, донесена на 27 мај минатата година, на која Забрчанец реши да се жали. Сега на такво нешто нема право, затоа што одлуките на судот во Лозана се конечни, како што е конечен и срамот за целокупниот македонски фудбал, кој никогаш и со никаков детергентски бум нема да може да се испере.
Клубот од стадионот „Гоце Делчев“ револуционерно се избори да биде дел од ударните вести на речиси сите светски медиуми и, секако, за „ексклузивниот“ наслов на Интернет-страницата на УЕФА. И го заслужи тоа. Таа е првиот фудбалски состав во светот што е казнет за местење меѓународен натпревар. Тоа, бездруго, значи дека болниот пораз на Победа се инсталира како историски моментум, не само за нашиот спорт туку и за светскиот воопшто.
Иако уживачите во инфериорната улога на жртва ќе кажат дека мафијашката оперативна обложувачка формула егзистира насекаде, не смее никој сега да бара помош во колективниот заговор и да замижи пред фактот дека по четири месеци размислување и анализирање, Лозана првпат му изрекува ваква казна на некој клуб. Супер момент за носење на целата работа во погрешна насока. Во онаа секојдневно апсолвираната, во онаа на кодошите и на патриотите.
Манипулациите со изјави од типот на овој не му дале пари, па затоа сведочел против Победа, оној намести десетици натпревари, па сега најде друг да обвинува, се непотребни.
За оперираните од таа параноја, тоа моментално е совршено неважно, тие сакаат да возат по вистинската патека. Имено, случајот Победа го апсорбираше и последното зрнце песок од часовникот на трпение кај љубителите на фудбалот, кои поучени од Италијанците, бараат инволвираните во криминалот, освен тоа што добија спортска казна, да бидат и кривично гонети.
Се сеќаваме на скандалот „Калчополи“ од 2006 година и судскиот процес против тогашниот директор на Јувентус, Лучано Моџи и неговите соработници. Италијанската полиција, впрочем, беше таа што го поведе скандалот откако ги преслушуваше телефоните на членовите на управите на Јувентус, Милан, Фиорентина, Лацио и Реџина. Јувентус, како што е познато, беше исфрлен во понизок ранг.
Голема афера ја затресе и Германија. Во 2007 година 25-годишниот Роберт Хојцер, доби значителна сума пари од Хрватот, Анте Шапина, за местење натпревари во Германија. Судот востанови местење на шест меча. Во германската историја скандалот беше оквалификуван како еден од најголемите. На крајот, регионалниот суд во Берлин му одреди две и полгодишна казна затвор на Хојцер, повеќе отколку што бараше јавниот обвинител.
Низа апсења се случија и неодамна во Турција, но кај нас засега езерото е мирно, бранови нема, иако од Министерството за внатрешни работи, кое ја доби документацијата за целиот случај уште во август минатата година, велат дека „сурфаат“ на случајот.
„Точно е дека МВР ја доби документацијата од УЕФА. Интерната постапка тука и кај УЕФА е поинаква. Различен, впрочем, е начинот на утврдување на одговорноста. Процесот и анализите траат и доколку на крајот постојат елементи за поднесување кривична постапка, МВР и ќе го стори тоа “, најави помошник-министерот за односи со јавност во МВР, Иво Котевски. Без разлика на полицискиот епилог, срамните порази и состојби во македонскиот фудбал некогаш водечките луѓе на Победа само ги рециклираа во најсофистицираната поразителна варијанта. И Лозана да те прогласи за белосветски измамник!
Разочарувачки е фактот дека не само на нашите современи терени и околу нив туку и во европските судници е ставен печат на одамнешната констатација дека силата на македонскиот фудбал и на самонаречените мак-фудбалски работници е само во слабоста. |