Ренова нов предизвик за Вардар
Фудбалерите на Вардар, кои годинава за првпат во својата богата историја се борат за опстанок во Првата лига, утре ги очекува уште еден тежок меч на тој трнлив пат за да избегаат од зоната што води кон баражот. Нема да им биде лесно, бидејќи против себе ќе го имаат, практично, новиот шампион Ренова. „Гипсарите“ тешко губат натпревари, во изминатите 25 кола само двапати со наведнати глави го имаат напуштено теренот, што јасно говори дека Вардар ќе мора да се надмине себеси за да ги освои трите можеби решавачки бода за бегство од деветтото место. Освен тоа, до крајот има и три незгодни гостувања токму на директните конкуренти за опстанок Тетекс, Победа и Милано.
Уште две средби утре го провлекуваат вниманието: пелагониското дерби меѓу Пелистер и Победа и во Турново средбата меѓу Хоризонт и Тетекс. И за Пелистер и за Победа бодовите злато вредат. Пелистер има шанси да се најде и на третото место на табелата, кое води во Европа, за да не мора да ја чека разврската во Купот, а за Победа секој бод многу значи за да избега од претпоследното место на табелата, бидејќи последното што води во баражот е одамна резервирано за Милано. Сигурно дека потврдената казна од осум години забрана на настап на меѓународна сцена ќе делува на играчите на Победа така што Пелистер е во голема предност на овој меч.
Во Турново меч да се биде или не за Хоризонт. Ако загуби, црно му се пишува, бидејќи до крајот им гостува на Вардар, Победа и Силекс, Тетекс е во малку подобра положба бидејќи игра на гости. Бод за тетовчаните ќе биде голем како куќа, да не говориме за трите. Хоризонт, веќе рековме, само трите бода ја зголемуваат надежта да не игра во баражот. Во последните три кола Тетекс нема освоено ниту бод, Хоризонт само еден.
Останатите две средби немаат некој поголемо значење за пласманот на табелата: Милано - Работнички и Силекс - Металург. Сите средби се играат утре (недела) во 16 часот. (М.М.) |