Мубарак на суд

Поранешниот египетски претседател беше пренесен од затворот во судот на носила
КАИРО - Судењето на поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак, кој беше соборен од власт со масовни демонстрации во февруари, започна во Каиро. Мубарак беше пренесен во судницата во полициската академија на носила, што беше поздравено од опонентите пред судницата. Тој е обвинет за корупција и издавање наредби за убиство на демонстранти - обвинение кое повлекува смртна казна. Неговите синови Алаа и Гамал, поранешниот министер за внатрешни работи Хабиб ал-Адли и шест други поранешни официјални претставници, исто така, се соочуваат со обвиненија.
„Во целост ги отфрлам сите овие обвиненија“, рече Мубарак кој на судот му се обрати од носилата сместени зад железни решетки. И синовите на Мубарак, Ала и Џамал, н�� кој исто така им се суди, ги отфрлија обвинувањата држејќи ја во рацете муслиманската света книга Куранот. Адвокатот кој ги застапува семејствата на убиените рече дека Мубарак му наредил на министерот за внатрешни работи да ги убие демонстрантите и поради тоа побара смртна казна за министерот.
Околу три илјади војници и полицајци се ангажирани за да одржуваат ред во полициската академија за судењето. Тоа првично требаше да се одржи во собирен центар во Каиро, но властите го преместија во привремена судница воспоставена во полициската академија поради безбедносни причини. Изграден е затвор за обвинетите и се очекува околу 600 луѓе да ја следат постапката.
Мубарак (83) беше пренесен во Каиро од болница во крајбрежното одморалиште Шарм ел Шеик, каде што беше притворен и се лекуваше од април поради проблеми со срцето. Тој беше пренесен до затворот во судот на носила и оттаму ги следеше постапките на другите обвинети, меѓу кои и неговите двајца синови.
Судијата го започна судењето барајќи да се воспостави ред и изјавувајќи: „Цивилизираниот египетски народ бара смиреност за да може целосно да се спроведе мисијата на судот, за да можеме да го задоволиме семоќниот бог и нашата совест“.
Претходно, пред местото на судењето се случи тепачка меѓу стотици приврзаници и опоненти на поранешниот претседател, при што интервенираа неколку стотици полицајци во бела униформа и специјалната полиција со штитови и шлемови, за да ги разбијат демонстрантите кои фрлаа камења и шишиња едни врз други. Другите насобрани пред полициската академија ја следеа постапката во судницата на голем екран.
Поранешниот египетски лидер поднесе оставка на 11 февруари, по осумнаесетдневни протести на плоштадот „Тахрир“ во Каиро, кога загинаа околу 850 луѓе. Адвокатот на Мубарак инсистира дека поранешниот претседател е тешко болен. Дописникот на Би-Би-Си од Каиро јави дека многу Египќани се скептични за тоа, и веруваат дека војската не сака да го види понижен поранешниот претседател.
Изминатиот месец се одржуваа повеќе мирни протести на плоштадот „Тахрир“ од луѓето незадоволни поради бавното темпо на промени во земјата. Меѓу нивните барања до одговорниот Воени совет е барањето за побрзо судење на претставниците на поранешниот режим. Во понеделникот и вторникот, полицијата поддржана од воени единици реагираше за да ги растера последните неколкумина демонстранти на плоштадот. Поранешниот министер за внатрешни работи, Адли веќе е осуден на 12 години затвор поради перење пари и профитерство.
Многу набљудувачи сепак се сомневаат дека пресудата за Мубарак, каква и да е, ќе донесе драстични промени во земјата.
„Доколку Мубарак биде прогласен за виновен, тоа можеби ќе им помогне на Египќаните да расчистат со минатото, но тоа сигурно нема да го сопре процесот на влошување на ситуацијата во земјата“, смета Кристијан Улрихсен, експерт за Блискиот Исток и Северна Африка при Лондонската економска школа.
Улрихсен додава оти на жителите на Египет им е јасно дека судењето на Мубарак е само врвот на ледената планина. Имено, демонстрантите стравуваат дека преодниот Воен совет, кој владее со државата до следните претседателски избори, сее' уште е на страната на Мубарак, кој до неодамна им беше врховен заповедник. (Би-Би-Си/Дојче веле) |