Реџепи: Не може секој да влезе во Косово
Српски официјални лица можат да дојдат во Косово само доколку барањето го одобрат косовските власти
Приштина - Косовскиот министер за внатрешни работи, Бајрам Реџепи, изјави вчера дека српските официјални лица можат да дојдат во Косово само доколку барањето за доаѓање го одобрат косовските власти и дека во спротивно им се закануваат апсење и депортација.
Реџепи нагласи дека за престојот во Косово процедурата е јасна, за секој српски официјален претставник што сака да допатува мора да се испрати барање до специјалниот пратеник на Европската унија, кој го проследува тоа барање до косовската влада.
„Тогаш одлучуваме за тоа дали тоа барање ќе биде прифатено или одбиено“, додаде тој.
Реџепи оцени дека ситуацијата во северно Косово, генерално, е под контрола, но дека на патиштата што водат кон Јариње и Брњак и натаму има барикади, а КФОР во меѓувреме отстранил некои од нив.
Според Реџепи, тие барикади ги контролираат криминални групи од северно Косово по налог на државните органи од Белград. |