Врвни имиња на 28. Скопски џез-фестивал
Од 22 до 26 октомври љубителите на џезот ќе имаат можност да проследат десет концерти на реномирани артисти и состави кои доаѓаат од Европа и од САД, како и од Македонија
Тина Иванова
Големите пијанисти Чик Кореја и Бред Мелдау, извонредната перкусионистка Мерлин Мазур, легендарниот басист Стенли Кларк, саксофонистот Џејмс Картер, познатиот композитор и трубач Џон Хасел... Ова се дел од светските музички имиња кои ќе го одбележат годинашното, 28. издание на „Скопскиот џез-фестивал“. Од 22 до 26 октомври, односно во пет фестивалски вечери љубителите на џезот ќе имаат можност да проследат десетина концерти на врвни и атрактивни артисти и состави кои доаѓаат од Европа и САД, како и од Македонија. Фестивалот ќе се одвива на четири различни локации: Универзалната сала, Салонот на Македонската опера и балет, Домот на АРМ и клубот „Хард-рок“.
На првиот ден на 28. Скопски џез-фестивал (22 октомври), во Домот на АРМ ќе настапи македонско-италијанското трио „Скопје конекшн“ во кое членуваат Џијан Емин на хорна и Георги Шарески на гитара од Македонија и Лука Аквино на труба, кој се смета за новата џез-ѕвезда во Италија. Овој концерт ќе биде жива промоција на нивниот заеднички, неодамна издададен албум под наслов „Амам“, снимен во Скопје во Чифте-амам. Изданието е опишано како „силни емоции, софистициран звук, фантастична интеракција и магичен амбиент се само дел од нештата што го прават овој албум уникатен...“
Втората вечер (23 октомври) е вечер посветена на жените во џезот, така е и насловена „Women in jazz“, а во МОБ ќе настапат јапонската пијанистка Аки Такасе, инспирирана од музиката на Фетс Волер, како и познатата џез-перкусионистка Мерлин Мазур со проектот „Фјучр Сонг“. Не напуштајќи ја почитта кон музичките традиции на родната Јапонија, Аки Такасе израсна во една од најоригиналните претставници на современиот џез. Родена е во Осака во 1948 година, а израснала во Токио каде што пијано свири уште од малечка и каде што се здобива со својата класична музичка наобразба. Инспирирана од музиката на Орнет Колмен, Џон Колтрејн и на Чарли Мингус, Аки се свртува кон импровизацијата, и оттогаш патува во САД и низ Европа каде снима со врвни џез-имиња. Добитник е на многубројни награди во Германија каде што денес живее и работи. За еден од нејзините најинтересни и најкреативни проекти - „Aki Takase Plays Fats Waller“ таа во 2004 година го доби највисокото признание на германските критичари.
Перкусионистката Мерлин Мазур е најмногу позната по својата соработка со Мајлс Дејвис, иако има свирено и во многу различни формации. Родена е во 1955 година во Њујорк, а од својата шеста година живее во Данска. Студирала класично пијано и танц, определувајќи се конечно за тапани и за импровизирана музика. Покрај соработката со легендарниот трубач, повремено свири и со Гил Еванс и Вејн Шортер. Во 1989 година го оформи својот состав „Future Song“, а во 1991 стана постојан член на групата на славниот саксофонист Јан Гарбаре��. Дваесет години подоцна овој состав и понатаму претставува интимно музичко семејство на Мазур и најуникатен, волшебен скандинавски лајв-бенд.
На втората вечер по полноќ во „Хард-рок“ ќе настапи еден од највозбудливите современи џез-музичари и композитори во Италија денес, Микеле Полга на саксофон, кој ќе го претстави својот најнов, штотуку објавен албум „Clouds Over Me“.
Третата вечер или на 24 октомври во Универзалната сала ќе настапат две големи имиња на современиот американски џез: пијанистот Бред Мелдау во трио формација и саксофонистот Џејмс Картер со својот квинтет. Љубителите на џезот долго го очекуваа во Скопје да го видат и слушнат Мелдау кој е активен на сцената уште од раните деведесетти. Триото со кое икај нас ќе настапи е негова најконзистентна формација почнувајќи од 1996 година, иако соработува со голем број џез-великани како Пет Метини, Чарли Хејдн, Ли Кониц, Џошуа Редман, Мајкл Брекер, Вејн Шортер, Џон Скофилд и Чарлс Лојд. Познат е по својата наклонетост кон спојување на екстремите. Неговата музика се појавува и во неколку филмови, меѓу кои и „Очи широко затворени“ на Кјубрик и „Хотел од милион долари“ на Вендерс. Џејмс Картер пак, се смета за човекот со чија појава, по Винтон Марсалис, предизвика голема возбуда на њујоршката џез-сцена. Првата плоча на Картер „JC on the Set“ од 1993 година беше оценета како најдоброто деби на еден саксофонист во изминатите децении. Оттогаш постојано издава одлични албуми и соработува со голем број истакнати џез-имиња. Неколку пати се искачува на највисоките места на ранг-листите на најдобрите на „Downbeat“, а критиката го смета за еден од новите „гиганти во џезот“.
По концертите во Универзална, на третата вечер во „Хард-рок“ по полноќ ќе настапи њујорчанецот со ирско и панамско потекло, пејачот Хозе Џејмс, чија музика е спој на џез, хип-хоп и соул.
Претпоследната, односно четвртата фестивалска вечер е посветена на одбележувањето на 40. роденден на легендарната џез-етикета ECM со два уникатни концерта кои ќе се одржат во Универзалната сала: првиот, на норвешкиот двоец Арве Хенриксен / Јан Банг, а вториот, на Џон Хасел и проектот „Маарифа стрит“. Арве Хенриксен е еден од највозбудливите нови ликови на денешната европска џез-сцена, познат по својот уникатен и индивидуален звук на трубата. Соработувал со голем број музичари познати на почитувачите на „ECM“ звукот како Џон Балке, Дејвид Силвијан, Џон Хасл, Мерлин Мазур, Џиван Гаспаријан... По три интересни албумски објавени за норвешката авангардна дискографска куќа „Rune Grammofon“, годинава за „ECM“ го објави својот најнов албум „Cartography“, комплетна соло-творба. Во Скопје, Хенриксен ќе го придружува Јан Бенг, музичар и продуцент од Кристијансенд, Норвешка. Неговите главни инструменти се програмирањето и семплувањето во живо. Композиторот и трубач Џон Хасел од САД е визионер и креатор на уникатен музички стил наречен „Fourth World“, мистериозен уникатен хибрид на музика што е истовремено и древна и дигитална, компонирана и импровизирана, источна и западна. Во последните две децении, неговите плочи, направени со уникатниот „вокален“ стил на свирење труба (развиен со големиот индиски пејач Пандит Пран Нат) инспирираа цела генерација соработници на Хасел, како Брајан Ино, Питер Габриел, „Кронос Квартет“ и Рај Кудер. Четвртата вечер по полноќ во „Хард-рок“ ќе настапи една од водечките фигури на современата бразилска музика, Чико Пињеиро.
Фестивалот ќе го заокружи „џез музичарот на годината“ Чик Кореја, придружен од легендарната ритам секција - Стенли Кларк (бас) и Лени Вајт (тапани), чиј концерт ќе се одржи во Универзалната сала. По заминувањето од групата на Мајлс Дејвис, Чик Кореја го оформи авангардниот квартет „Циркл“, со Ентони Брекстон, Дејв Холанд и со Бари Алчул. Но, тој истовремено бараше група со помалку езотерично размислување, со која ќе може својата музика да и ја претстави на поширока публика. Таа група беше „Ретурн ту Форевер“, која пет години царуваше во универзумот на фјужнот, ширејќи го својот израз од електричен џез-рок хранет со фанк, до волшебна акустика на композициите инспирирани покласично. По успешното обновување на групата во изминатата година, хармоничното зближување помеѓу Чик Кореја и Стенли Кларк резултираше во создавање на групата „Power of Three“. Кореја, Кларк и Вајт се музички великани што на слушателите им нудат звучно истражување со извонредни пропорции, патување со електро-акустична алхемија, од џезот со вообичаениот свинг, до тврдиот и силен фјужн...
Постерот за годинешниот „Скоп��ки џез-фестивал“ е дело на младата македонска дизајнерка Неда Фирфова. |