Полицијата се вмеша во битката на бодигардите
МВР го уапси претседателот на едната од двете комори, бидејќи издавал неважечки лиценци
МВР поднесе кривична пријава против Ангеле Јованоски (54), претседател на Комората за обезбедување имоти и лица и детективски услуги, како и против 14 лица, од кои осуммина вработени во МВР поради тоа што му помагале на Јованоски да издава лиценци за обезбедување иако, според МВР, немал право за издавање. Од полицијата наведуваат дека неколкупати реагирале до Јованоски да престане да издава лиценци, бидејќи сам ги составувал комисиите за полагање стручен испит, иако знаел дека тоа право единствено го има МВР. Според пријавата, Јованоски наплаќал за издавање лиценци со кои обезбедувачите не можеле да се вработат. На Јованоски му е одреден куќен притвор.
Од Комората, на чие чело е Јованоски, се огласија со соопштение, во кое изразуваат вознемиреност од „киднапирањето“ на Јованоски од страна на припадници на МВР, кои по „седумчасовно неосновано држење по полициски станици во Скопје на таинствен начин со конструирана кривична пријава е предаден на распит пред истражен судија“. Од оваа комора велат дека тие од порано имале поднесено кривични пријави до МВР против „една друга фантомска комора со назив: Комора за обезбедување лица и имот, која незаконски и нерегистрирана функционира уште од 1999 година како своевидна паравоена структура, која врши обука со оружје“.
„Оваа фантомска комора досега има издадено околу 14 илјади лиценци за дејноста обезбедување лица и имот и, притоа, остварено профит од околу 4,5 милиони евра, а во кој дебело се вмешани одредени поранешни и сегашни високи полициски функционер“, се вели во соопштението од Комората за обезбедување имоти и лица и детективски услуги. Оттаму прашуваат дали е дозволиво припадници на МВР да прават таков превид и наместо да ги апсат криминалците, ги апсат тие што пријавуваат криминал.
Веднаш реагираше и претседателот на прозваната Комора за обезбедување лица и имот, Тихомир Николоски, кој во соопштение до медиумите потенцира дека за организирање полагање стручен испит за обезбедување, издавање лиценци за работа, издавање легитимации, водење евиденции и друго е надлежна единствено „неговата“ комора. Пред две години имало иницијатива пред Уставниот суд да се укине монополската позиција на оваа комора, но не била прифатена.
Комората за обезбедување лица и имот ја поздравува активноста на МВР и ценат дека „санкционирањето на незаконското работење на кои било субјекти претставува неизбежен инструмент за заштита на правата на граѓаните и фирмите“. (Г.А.)
|