Едиторијал Исчезнуваат работничките права
Маја Томиќ
Со секоја нова измена во најменуваниот закон во државава, Законот за работни односи, се' повеќе се топат работничките права во државата. Нема друг пример во светот на толку чести промени во содржината на овој закон, кој секаде важи за устав за работничката класа. Колку и да звучи излитено и социјалистички овој термин, сепак, неа уште ја има, посебно во приватните фирми. Устав, тоа значи дека еднаш стекнатите права на вработените не треба и не можат тукутака да се бришат, а. односно постојано да се намалуваат. Можеби работниците од западните земји и не се којзнае колку покомотни од нашите, иако имаат силни синдикати и добри законски решенија, но барем нивните права се ставени на хартија, црно на бело. Кај нас се бришат и од хартијата.
Последните предложени измени во ЗРО од Владата, односно од Министерството за труд и социјална политика, како и повеќе пати досега, изготвени се без социјален консензус, односно, без согласност со социјалните партнери, што е правило за секоја демократска држава. Рака на срце, работодавците досега не реагираа, но и нема на што да реагираат, затоа што нивната позиција не се загрозува. Од друга страна, јавните реакции од Сојузот на синдикатите се целосно игнорирани. Измените се веќе во собраниска процедура, првото читање помина, и покрај барањата на ССМ да се внесат промени на повеќе членови, поточно да останат старите законски решенија. Но, залудно. Власта си тера по свое. И под закрилата дека се' што чепка во законите, така мора да биде, затоа што е тоа во согласност со европските стандарди, а мораме да се приспособиме, сакале или не, се' повеќе ги намалува правата на работниците.
Како што се тргнало, еден ден и ќе ги снема. И работниците наскоро ќе немаат на што да се повикаат и да се заштитат од злоупотребите што ги трпат на работните места. Ако нема реални закони, ако нема колективни договори, ако нема малку, но јаки синдикати, туку стотици мали и слаби, каде и како ќе се бара заштита? Со најновите предложени измени, кристално е јасно дека Владата сака да го контролира синдикализмот, односно да стави рака врз работењето на синдикатите. Кој е репрезентативен синдикат, ќе одлучува таа, односно владина комисија, на секои три години. Тоа е преседан и во светот. Башка што се кршат еден куп меѓународни конвенции од областа на трудот, чија потписничка е и Македонија.
Според предлагачот на измените, репрезентативен синдикат на ниво на државата треба да е составен од само 10 или 20 отсто од вкупниот број вработени во соодветна дејност, наместо како порано, 33 отсто. Нема веќе кој како сака да се здружува во синдикати, па потоа Владата да ја боли глава кој штрајкува, со кој треба да преговара за колективни договори и друго. Вака ќе се знае, кого таа самата ќе одбере, нему и правата. По можност, да е партиски подобен. Таа ли е пораката што се испраќа со измените? Ако е таа, тогаш не заслужува коментар.
Инаку, покрај репрезентативноста, Владата овој пат се намерачила и на други кастрења. Бара во фирми каде што веќе има колективни договори на ниво на работодавец, да се потпишат нови, со понов датум. Во измените се „прецизира“ терминот - работно време. Тоа е секој период во кој работникот работи, му стои на располагање на работодавецот и ги извршува работите и работните задачи. Владата предлага ноќната работа да може да се извршува во текот на четири месеци, наместо најмногу една недела во месецот, како што беше во изминатите 40 години. Досега за паузата во работното време беа предвидени 30 минути, сега се предлага овој термин да важи само за вработени со над шестчасовно време. Се предлага во една недела работникот да може да работи 10 часа прекувремено, место осум, и така удолу.
Со сето тоа, ако тоа биде се' до крајот на годинава, иако тешко, треба да се постигне хармонизација на ЗРО со препораките на ЕУ. Така се правда Владата. Ако од ЕУ сме сто години назад според 350.000 невработени, за што никако не може да се најде решение, како и со просечна плата од 200 евра (не според статистика, туку според практика), барем со измените во ЗРО ќе дојдеме многу блиску. |